Во шумите ќе се распоредуваат вакцини против беснило за лисиците и дивите карнивори
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја започна втората овогодишна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивори против беснило, која се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки над речиси целата територија на државата.
Препорачано
Кампањата ќе трае до крајот на декември и се реализира од спортскиот аеродром во Штип. Таа е финансирана со поддршка од Европската здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA), а вредноста на тригодишниот пакет за пролетна и есенска вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра. Во рамки на овој циклус, планирано е да бидат фрлени околу 450 илјади вакцинални мамки, рамномерно распоредени, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина.
Вакциналните мамки се дизајнирани исклучиво за диви животни. Тие се со кафена боја, наликуваат на мали чоколадни коцки и се направени од смеса со рибино брашно и силен мирис на риба. Внатре содржат пластична капсула со течна вакцина со ослабен вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин, кој овозможува подоцнежна проверка дали животното ја примило вакцината. Секоја мамка е со јасно обележување и упатство за постапување при евентуален контакт.
Од АХВ апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при движење во природа и да не ги допираат мамките. Доколку сепак дојде до контакт, препораката е рацете веднаш да се измијат со сапун и вода, а во случај на повреда да се побара лекарска помош. Апелот важи особено за планинари, ловци, собирачи на шумски плодови и семејства со деца.
Сопствениците на домашни миленици се повикуваат во периодот на кампањата кучињата да ги шетаат на поводник, за да се избегне контакт со мамките. Доколку животно ја изеде мамката, тоа не претставува опасност по неговото здравје, но при сомнеж за повреда или невообичаено однесување се препорачува консултација со ветеринар.
Оралната вакцинација против беснило во земјава се спроведува од 2011 година, со две кампањи годишно. Оттогаш се регистрирани само неколку случаи кај диви животни и еден случај кај домашна мачка во 2012 година, а во последните години нема евидентирани нови случаи кај домашни животни.
Целта на програмата е целосна елиминација на вирусот од природните резервоари и спречување на ризикот по здравјето на луѓето и животните, при што клучна улога има и одговорното однесување на граѓаните.


