Во првиот уписен рок на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ се пријавиле над 1.000 студенти
Во првиот уписен рок на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се пријавиле за 20 проценти повеќе кандидати во споредба со лани, информира проректорот Мишко Џидров. Досега има над илјада апликации, а конечниот број на запишани студенти ќе се знае по завршување на постапката за приговори.
Препорачано
-Во тек е сѐ уште првиот уписен рок, можам да кажам дека еве следува период на поднесување приговори ако имаат студентите. Од вкупните бројки, до сега може да кажам дека има повеќе од илјада апликации оваа година. Во споредба со минатата година тоа е повеќе за 20% пријавени кандидати, така да Универзитетот е задоволен од овие резултати. Понатаму продолжуваме со вториот и третиот уписен рок и очекувам да имаме задоволителен број на студенти – изјави Џидров.
И оваа година најголем интерес има за студиските програми по општа и дентална медицина, кои веќе се исполнети во државната квота. Универзитетот очекува во вториот и третиот уписен рок да се пополнат и останатите студиски програми.
Зголемен интерес е забележан и кај странските студенти, кои своите документи ќе ги доставуваат во септември. Вториот уписен рок ќе се одржи на 4 и 5 септември, а третиот на 17 и 18 септември.


