Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ почнаа подготовките на „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец

Проба за претставата „Хамлет“ во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп почнаа подготовките на претставата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Бранко Брезовец, а премиерата, поддржана од Министерството за култура, е планирано да се одржи на средината на октомври.

Драмата „Хамлет“ е врвно дело на англиската и светската литература, во кое се говори за опседнатоста на данскиот принц Хамлет со идејата да се одмазди за смртта (убиството) на својот татко.

Режисерот Бранко Брезовец вели дека му e голем предизвик да го постави „Хамлет“ на сцената и дека му е трета соработка со прилепскиот театар.

– Првата наша соработка „Антица“ беше многу успешна, а ја работевме опуштено и со взаемно разбирање. На оваа битова драма ѝ пристапивме мошне спектакуларно, со модерен сценски јазик, а гостуваше во Загреб и во Лајпциг.

Следната соработка беше „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, врвен текст на хрватската драмска книжевност. Одлична претстава со врвни актерски интерпретации со која театарот гостуваше неодамна во Загреб, при што публиката беше фасцинирана. Тоа покажа дека нашата заедничка доверба има цврст темел.

И, сега, со Хамлет се подигаме на врвот во драмската писменост. Текстот „Хамлет“ претходно го работев со ансамблот во Турскиот театар во 1995 година и таа претстава имаше извонреден ориентален призвук. Хамлет не може да верува во задгробните пораки од татко му. Мора да види непосредно убиство, за да реагира, а не, некој да му раскажува за тоа.

Сега овде во Прилеп имаме одлична поделба која се темели на Глембаеви, а Глембаеви се некоја варијација на Хамлет. Тука ќе биде помал нагласокот на проблемот на одмаздата, таа тема, во овие краеви, за среќа почна да се расплинува на почетокот на 2000-та. Во нашата претстава се работи за проблемот на честа. Честа која за Хамлет е врвен морален принцип, овде, јасна работа не е отфрлена, но е релативизирана и како да се укажува на некои компромиси. „Да се биде или не“ како да се разлева во истовремено: и да се биде и да не се биде.

Се работи за приближување на некој нов идентитет за кој веќе зборувал Ибзен кога човекот го споредил со кромид, а како што знаеме кромидот се состои само од лушпи и нема цврсто јадро. Така и претставата нема да биде врзана за своето матично јадро, сцената, туку ќе се разлева низ целиот театар и ќе можете да уживате во микроиграта, во стеснатите простори и во вистинската патетика и благородна ширина на актерските гести по должината на целото гледалиште и сцената. „Хамлет“ ќе биде претстава на жестока колективна игра, на цврста актерска екипа и заедничко уметничко разбирање, па не барајте од мене некого да издвојам – вели режисерот Бранко Брезовец.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 194, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот