Фото: Принтскрин

Во пресрет на „Скопје 2028“ ќе заживеат и Калето и Аквадуктот, а ќе се изгради и Универзална сала

Денеска во Скопје се одржува меѓународна конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“ во рамки на проектот Скопје – европска престолнина на културата 2028.

Ревитализација на скопското Кале, конзервација на Аквадуктот, реконструкција на Универзалната сала и отворање нови културни простори достапни за граѓаните, се само дел од проектите кои ќе се реализираат во главниот град во пресрет на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

На денешната меѓународна конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочи дека титулата европска престолнина на културата претставува можност за ново гледање на градот и неговата историја.

Кога зборуваме за европската престолнина на културата, не зборуваме само за титула. Зборуваме за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат. Зборуваме за можност еден град да се види себеси на нов начин – и светот да го види него со нови очи – рече Љутков.

Тој најави дека забрзано се работи на важни културни и историски обележјаа на градот и дека „Скопје 2028“ е можност да покажеме кои сме не само пред другите туку и пред самите себеси.

Проектот за идејно решение за ревитализација на Калето е готов и него го изработи Конзерваторски центар – Скопје кој со забрзана динамика започнува со изработка на основни проекти, по што Град Скопје ќе може да започне со ревитализација на Калето. Министерството за култура е при крај со проектот за реконструкција и опремување на двата музеја на Калето – Музејот на праисторија и на Отоманскиот музеј и наскоро ќе ги отвори за посетителите – рече министерот.

Скопскиот Аквадукт, кој според Љутков, е тивок сведок на минатото конечно ќе добие шанса да биде виден, заштитен и споделен со светот. Обезбедени се средства за конзервација на објектот и првпат се обезбедени средства за експропријација на околните парцели.

Како што посочи министерот, веќе е започната повторната изградба на Универзална сала, како еден од најпрепознатливите симболи на културниот живот во Скопје, чија реконструкција треба да заврши до 2028 година, по што повторно ќе стане современ центар за културни настани, собири и концерти.

Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи Љутков.

Според него, проектот е можност за поврзување со Европа, уметниците и младите, но, пред сè, е проект на луѓето.

„Скопје 2028“ е можност да покажеме кои сме не само пред другите туку и пред самите себеси. Можност да покажеме дека знаеме да работиме заедно, дека знаеме да создадеме и дека знаеме да веруваме во нешто што е поголемо од нас.

Затоа што, на крајот, ова не е проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – нагласи министерот.

Фото: Принтскрин

Културата мора да стане двигател на урбаната трансформација и трајна основа за развојот на градот ,порача градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на денешната конференција.

Тој ја нагласи историската можност што ја носи титулата и повика културата да се разбере како јавна инфраструктура, а не како украс.

Што навистина значи Скопје да биде европска престолнина на културата? Дали тоа значи само една година исполнета со настани? Или, како што за мене значи, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот, двигател на урбаниот развој, средство за социјална кохезија, извор на нова економија и основа на нов урбан идентитет – истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот потсети и на солидарноста по земјотресот во 1963 година нагласувајќи дека тоа наследство мора да се претвори во современа сила за обнова на јавниот интерес и довербата во институциите.

Ѓорѓиевски ја нагласи и потребата културата да се поврзе со секојдневниот живот на граѓаните:

Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане. Град во кој јавните простори се безбедни, зелени, достапни и креативни. Град во кој културата не е луксуз, туку дел од неговото секојдневие – рече тој.

Ѓорѓиевски истакна дека титулата европска престолнина на културата не смее да биде само едногодишна прослава, туку трајна промена во начинот на кој се разбира, управува и живее градот.

Во Скопје денеска се одржува меѓународна конференција во рамките на „Скопје – европска престолнина на културата 2028, на која присуствуваат градоначалници, европски партнери, експерти, универзитети и меѓународни организации со цел да се отвори стратешки дијалог за урбани политики, културен развој и одржливи европски практики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот