Во поплавите во Кенија умреа 18 луѓе за една недела, засегнати се 54.000 домаќинства
Поплавите за време на обилните дождови во Кенија однесоа 18 животи, и тоа само во изминатата недела, при што најголем дел од луѓето се удавиле, пренесува агенцијата АП.
Препорачано
„Повеќе од 54.000 домаќинства се погодени од поплавите низ целата земја, од кои 6.000 се во главниот град Најроби“, посочува кениското Министерство за внатрешни работи.
Десетици училишта и болници низ земјата се поплавени, а 17 патишта се отсечени.
Свлечишта, исто така, принудиле илјадници луѓе да се иселат од западниот регион Рифт Вали, додека жителите што живеат низводно од реките Тана и Ати се повикани да се преселат на повисоки места, бидејќи нивото на водата во хидроелектричните брани во земјата расте.
Метеоролошкиот завод на Кенија предупреди дека засилените врнежи се очекува да продолжат во првите две недели од мај.
Обилните дождови во земјата започнаа во март, на почетокот на дождовната сезона, и зад себе оставија голема штета. До крајот на март загинаа повеќе од 100 луѓе, а беа пријавени и десетици случаи на колера.
Од Светската здравствена организација рекоа дека ќе продолжат да реагираат на здравствената вонредна состојба, а притоа остануваат на готовс против појава на болести кои лесно може да се шират.
„Мораме да бидеме флексибилни и подготвени да реагираме, под покровителство на владата и со партнери, за да им пружиме помош на стотиците и илјадниците луѓе погодени од лошото време“, рекоа од СЗО.


