Во Кенија десетици случаи на колера по разорните поплави
Обединетите нации изразија загриженост денеска откако беа пријавени десетици случаи на колера во Кенија, земја погодена од неколкунеделните разорни дождови и поплави.
Препорачано
Според Светската здравствена организација (СЗО), 44 случаи на колера се регистрирани во округот Тана Ривер во источна Кенија, една од областите најтешко погодени од поплавите.
„Мислам дека заедно со владата, во соработка со националните и меѓународните партнери, ќе успееме да се справиме со болеста“, рече постојаниот координатор на ОН во Кенија Стивен Џексон во интервју за Citizen TV.
Колерата е акутна интестинална инфекција која се шири преку контаминирана храна и вода и обично предизвикува тешка дијареа, повраќање и грчеви во мускулите. Тоа може да биде особено опасно за малите деца.
„СЗО ќе продолжи да реагира на здравствената вонредна состојба и останува внимателна против појава на болести кои лесно може да се шират доколку не се контролираат брзо“, рече Абдулрахман Диало, претставник на СЗО во Кенија, во изјава објавена во вторникот од здравствената служба на Обединетите нации.
„Мораме да бидеме флексибилни и подготвени да реагираме, под покровителство на владата и со партнери, за да им пружиме помош на стотиците и илјадниците луѓе погодени од лошото време, продолжи тој.
Во поплавите во Кенија загинаа 238 луѓе, според последните официјални податоци објавени од локалните медиуми, додека повеќе од 200.000 луѓе останаа без покрив над главата .
Севкупно, пообилните од вообичаените сезонски дождови, влошени од временскиот феномен Ел Нињо, убија повеќе од 400 луѓе во Источна Африка, регион многу ранлив на климатските промени.


