Обединети нации/ Фото: МИА

Во ОН денеска конференција за создавање палестинска држава, Франција лобира за поголема поддршка

По објавата на францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот дека Париз официјално ќе ја признае палестинската држава во септември, десетици министри од земји ширум светот – вклучувајќи го и палестинскиот премиер Мохамед Мустафа – денес учествуваат на конференцијата на ОН за Блискиот Исток, чија цел е промовирање на решение за две држави – една израелска и една палестинска.

Конференцијата е свикана од Генералното собрание на ОН, а копретседатели се Франција и Саудиска Арабија.

Сепак, ова решение е бојкотирано од САД и Израел.

Со децении, поголемиот дел од меѓународната заедница го поддржуваше принципот на решение со две држави, една израелска и една палестинска. Според пребројувањето на АФП, најмалку 142 од 193 земји-членки на ОН – вклучувајќи ја и Франција – сега ја признаваат палестинската држава.

Но, по 21 месец војна во Газа, проширувањето на еврејските населби на окупираниот Западен Брег и заканите од израелските претставници за анексија на таа област, расте загриженоста дека создавањето палестинска држава ќе биде невозможно.

„Конференцијата се одржува во време „кога перспективата за постоење на државата Палестина е позагрозена од кога било, но е и понеопходна од кога било“, коментираше францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Според интервјуто што го даде за весникот „Ла Трибјун Диманш“ во неделата, и други европски земји ќе ја потврдат „својата намера да ја признаат државата Палестина“ за време на конференцијата, без да прецизира кои.

„Од Њујорк ќе апелираме до другите земји да нè следат и да создадат уште поамбициозен моментум што ќе кулминира на 21 септември“, истакна Баро на Генералното собрание на ОН.

Сепак, британскиот премиер Кир Стармер во петокот повтори дека признавањето на палестинска држава „треба да биде дел од поширок план“, додека Германија не размислува да го преземе овој чекор „на краток рок“.

Освен тоа, конференцијата ќе се фокусира на три столба: реформи во управувањето со Палестинската самоуправа, разоружување на Хамас и негово исклучување од управувањето со Палестинците и конечно нормализирање на односите меѓу Израел и арапските земји кои сè уште не го сториле тоа.

Не се очекуваат најави од арапските земји оваа недела за нормализација на нивните односи со Израел, но „за прв пат, арапските земји ќе го осудат Хамас и ќе повикаат на негово разоружување“, забележа Баро.

Конференцијата „нуди единствена можност за трансформирање на меѓународното право и меѓународниот консензус во реалистичен план и демонстрирање на решеност за прекин на окупацијата и конфликтот еднаш засекогаш“, изјави минатата недела палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур.

Израел и САД нема да учествуваат на конференцијата, која првично беше закажана да се одржи во јуни, но беше одложена поради војната меѓу Израел и Иран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот