Фото: EPA-EFE/MAURITZ ANTIN

Во кои европски градови е најскапа струјата?

Цените на електричната енергија во домаќинствата низ Европа, кои скокнаа по руската инвазија на Украина во 2022 година, се стабилизираа, но остануваат значително над нивоата пред кризата. Трошоците за енергија особено ги погодуваат домаќинствата со пониски приходи, а според податоците на Евростат, просечното домаќинство во Европската Унија троши околу 4,6 проценти од вкупниот буџет за електрична енергија, гас и други горива.

Најновите податоци од Индексот на цени на енергијата во домаќинствата (HEPI) покажуваат огромни разлики меѓу европските метрополи кога станува збор за цените на електричната енергија и природниот гас. На почетокот на јануари 2026 година, цената на електричната енергија за домаќинствата се движеше од само 8,8 евроценти за киловат-час во Киев до дури 38,5 центи во Берн, додека просечната цена во ЕУ беше 25,8 центи за kWh.

Меѓу најскапите градови, покрај Берн, се издвојуваат Берлин, Брисел, Даблин, Лондон и Прага, додека покрај Киев, најниски цени се забележани во Будимпешта, Подгорица и Белград, пишува Index.hr. Општо земено, електричната енергија е поевтина во главните градови на Централна и Источна Европа, додека градовите на најголемите западноевропски економии се генерално над просекот на Унијата. Разликите се под влијание на голем број фактори, како што се енергетскиот микс, стратегиите за набавка на добавувачи, субвенциите, даноците и трошоците за дистрибуција.

Меѓутоа, кога цените се прилагодуваат на стандардот на куповна моќ, сликата значително се менува. Овој индикатор ги отстранува разликите во општото ниво на цените и го покажува вистинскиот товар врз граѓаните. Така, опсегот на цените на електричната енергија се движи од 10,9 во Осло до дури 49 во Букурешт, па номинално најскапиот Берн паѓа на 22-ро место, додека Букурешт го зазема првото место во однос на реалните трошоци за домаќинствата. Ова укажува дека иако номиналните цени се пониски во многу источноевропски градови, послабата куповна моќ ја прави електричната енергија поголем финансиски товар, додека западните и северните градови стануваат релативно попристапни кога се земаат предвид приходите.

Разликите се уште поизразени кај природниот гас. Во јануари 2026 година, цените се движеа од 1,6 центи за kWh во Киев до дури 35 центи во Стокхолм, што е повеќе од 13 пати поскапо отколку во Будимпешта, каде што гасот чини 2,6 центи. Веднаш зад Стокхолм се Амстердам, Берн и Рим, а експертите ги објаснуваат високите цени во шведската престолнина со спецификите на локалниот пазар и малиот број домаќинства поврзани со гасната мрежа. Кога гасот се прилагодува и според куповната моќ, Стокхолм останува најскап, потврдувајќи дека номиналните цени честопати не го одразуваат вистинскиот финансиски товар. Градовите со пониски цени честопати се искачуваат на листата на најскапи кога се земаат предвид платите на граѓаните, додека побогатите западни престолнини се покажуваат како попристапни отколку што изгледа на прв поглед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот