Сцена од филмот „Небото над Берлин“

Во Кинотеката ќе има проекција на филмското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс

Јануарската програма во Кинотеката се заокружува со проекција на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ (Германија / Франција, 1987, 127 мин., црно-бел / колор) на Вим Вендерс, филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла.

Неговото прикажување на 30 јануари, во 20 часот, во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.

Двајца ангели, Дејмиел и Касиел, скитаат низ улиците на Берлин, набљудувајќи ги раздвижените жители. Тие можат да ги слушнат мислите – стравовите, надежите и соништата на сите смртници што живеат долу. Ангелите им праќаат невидливи знаци на надеж, но никогаш не комуницираат со нив.

Кога Дејмиел се вљубува во осамената трапезистка Мерион, тој е спремен да се откаже од својата бесмртност. Копнее да го доживее животот во физичкиот свет и открива дека е можно тој да добие човечки облик.

Филмот „Небото над Берлин“ е една од најубавите градски кинематографски симфонии, воопшто. Снимен непосредно пред падот на Берлинскиот ѕид, оваа прекрасна таписерија од звуци и слики, снимена во црно-бело и во боја од легендарниот Анри Алекан, го доловува духот на времето и засекогаш го направи името на режисерот Вим Вендерс синоним за филмска уметност.

Филмот е снимен по сценарио на Вим Вендерс, Петер Хандке и Ричард Рајтингер, а во главните улоги играат Бруно Ганц, Солвег Домартин и Ото Сандер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот