Во кафеана секој може да седи со кого сака, вели Димитриевски за фотографиите од Црвенкоски со членови на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека секој има право во кафеана да седи со кого сака, коментирајќи ја фотографијата што се појави на социјалните мрежа а на која експретседателот на СДСМ Бранко Црвенковски е во друштво на членови на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
Димитриевски во синоќешното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“ рече дека носителката на листата за советници на ЗНАМ во Охрид, Марина Ѓоргоска и Црвенковски се добри пријатели.
„Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ. Црвенковски е еден од основоположниците на СДСМ, јас него го почитувам, сум кажал многу работи. Тој не е во ЗНАМ, ниту пак се има потпишано за мене и за кандидатурата, а кој со кого седи во ресторани, на приватни седенки, тоа е лична работа“, изјави Димитриевски.
За него, вели дека СДСМ е завршена работа и дека жали што сега ја води лажен социјалдемократ.
„Жалам што СДСМ дојде до ова дереџе – човек со милион афери, со златна виза за Дубаи, со луксузирање на јахти, кој се продава за чесна душа, денес ја води таа партија. И уште прави алузии на зборовите на Црвенковски – ‘или си СДСМ или не си’. Можеби тој наскоро ќе си замине, но сите тие што денес ја водат партијата треба час поскоро да си одат. Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија, рече Димитриевски.
Охридскиот градоначалник Пецаков вчера рече дека средбата не била планирана однапред, туку била случајна.
И претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја коментираше фотографијата на која Црвенковски е во интересно друштво во охридски ресторан. Тој му порача: „или си СДСМ или не си“.


