Во ЕСМ за 15 години има 1.000 нови вработувања?!

ЕСМ/ фото: МИА

Во 2005 година, кога се формираше компанијата за производство на електрична енергија, имало 3.801 вработен, а на крајот од 2018 година 4.754 вработени. Во истиот период, производството на електрична енергија е намалено за 20 отсто.

Енергетски експерти, економски аналитичари и пошироката јавност и понатаму остро го критикуваат зголемувањето на цената на струјата за 7,4 проценти. Енергетските компании, пак, велат дека ако нема зголемување на цената, тие нема да може да ги покријат трошоците и планираните инвестиции, со што ќе се загрози стабилното снабдување со струја на населението и на компаниите, а со тоа се согласува и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Фактите, пак, зборуваат дека во изминативе 15 години, во државниот енергетски сектор има постојано зголемување на бројот на вработените, а намалување на производството на струја. Во 2005 година, кога се формираше АД Електрани на Македонија – ЕЛЕМ (од лани преименувано во АД Електрани на Северна Македонија – ЕСМ), имало 3.801 вработен. На крајот од 2018 година, за кога има последен извештај од компанијата, имало 4.754 вработени. Значи, во изминативе 15 години бројот на вработените се зголемил за околу 1.000. Но, наспроти зголемениот број вработени, компаниските извештаи покажуваат дека во 2005 година вкупното производство на електрична енергија изнесувало 6.352,5 гигават-часови, а во 2018 тоа било 4.116 гигават-часови.

Што се однесува до бројот на вработените во државната енергетска компанија која е оператор на националниот електроенергетски систем – АД МЕПСО, заклучно со 2018 година таму имало 585 вработени и според платформата за транспарентност „Отворени податоци“, бројот на вработените во оваа компанија се зголемил за 12,5 проценти само во последните 4 години.

Универзитетскиот професор и долгогодишен енергетски експерт Константин Димитров, деновиве во јавноста излезе со остра критика за превработеноста во сите три енергетски компании – ЕСМ, МЕПСО и ЕВН.

– Во сите енергетски компании има превработеност, создавана не само сега, туку и во претходниот приод, и тоа со вработувања на луѓе не според способноста, туку според етничка, партиска припадност и интимна желба. Нека се скратат вработувањата за 20 отсто во овие компании – порача Димитров.

Од ЕСМ, пак, преку соопштение, порачаа дека пазарот е либерализиран, што значи кој од каде сака може да купува струја.

„Секој потрошувач има право да се снабдува и на слободниот пазар на електрична енергија по цени што не се предмет на одобрување од Регулаторната комисија за енергетика. Доколку домаќинствата купуваат електрична енергија на слободниот пазар набавната цена со вклучени трошоци за балансирање и обновливи извори изнесува 3,65 денари за киловат-час, додека цената по која ЕСМ ги снабдува домаќинствата на регулираниот пазар изнесува 2,33 денари за киловат-час, односно цената на ЕСМ е пониска за 55 отсто од цената на слободниот пазар“, соопшти ЕСМ.

АД МЕПСО информираше дека нејзината тарифа 6 години во континуитет е намалувана, со што е доведена во прашање ликвидноста на компанијата и нејзиното функционирање.

„АД МЕПСО нема можност да се откаже од своето учество во цената на струјата, затоа што нѐ чека економски развој на државата, кој без стабилен преносен систем е невозможен“, соопштија од компанијата.

Оттаму потенцираа дека АД МЕПСО е во голем инвестициски циклус од околу 100 милиони евра, составен од проекти за реконструкција на постојната инфраструктура и изградба на нови електроенергетски објекти.

„Стручните служби од АД МЕПСО врз основа на анализите од дефектите, оценка на состојбата на витални делови од постројките, како и недостапноста на резервни делови за опремата стара и 40 години, ја утврдуваат потребата и итноста за инвестирање во реконструкција на постојната инфраструктура, постројки и далноводи“, соопшти државната компанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот