Плакат за 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста ќе се одржи 14. ИДТФ „Битолино“

Под мотото „Театарот го менува светот“ од 3 до 7 август во НУ Центар за култура – Битола ќе се одржи 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Во традиционалниот термин на две сцени во Центарот за култура ќе се одиграат десет претстави. Покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот оваа година подготви богата придружна програма.

Шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија ќе се натпреваруваат за фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина. Дел од програмата се театрите „Нодар Думбадзе“ и „Пиро Ќеци“, национални установи од Грузија и Албанија. Доаѓаат и признатите независни продукции: „Колибри“ од Унгарија и „Мала сцена“ од Хрватска, кои важат за најстари и водечки театри за деца во своите земји. На програмата е и куклениот театар „Сенџу“ од Бугарија, кои носат јапонски куклен театар по методот на Такеда, а за првпат на „Битолино“ ќе учествува и Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје.

– Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни, туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театри од целиот свет кој изразија интерес да учествуваат. А особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години кои се срцето на сè што правиме – истакнува Филип Етмишовски, директор на „Бабец театар“ и на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Во годината кога Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани, кој важи за носечка платформа за театарските аматери, е оправдано одложен, „Битолино“ одлучи да ја отстапи својата сцена на аматерските театри и театарски школи од земјата. Оваа година во придружната програма ќе бидат Театар „Чекори“ од Скопје и Театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци.

Фестивалот ќе го отвори и затвори Театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“. Токму со премиерата на младинската постановка на „Аудиција“ по текст на Александар Галин, „Бабец театар“ ќе го одбележи и својот јубилеен 15. роденден.

Во придружната фестивалска програма е и дводневна театарска работилница за куклен театар „Светот на куклите“ со бугарската режисерка и актерка Ефимиа Павлова. Токму директорката на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија, ќе биде претседател на фестивалското жири. Останатите два члена се македонските актери со интернационална театарска, филмска и телевизиска кариера: Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.

Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамки на Годишната програма на Министерстовото за култура и туризам на Македонија, Годишната програма за култура на Општина Битола, а генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот