Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска во улогата на „Кармен“

Во Драмскиот театар се одржа јубилејната 50-та изведба на монодрамата „Кармен“

Во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години Драмски театар Скопје, на 19 мај беше изведена јубилејната 50-та изведба на монодрамата „Кармен“ на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, работена според романот „Пет часа со Марио“ од еден од најзначајните шпански автори на XX век, Мигел Делибес, во драматизација и режија на Дејан Пројковски.

Претставата, која од премиерата во мај 2021 година остави силен белег во современата македонска театарска продукција, низ годините изгради исклучителен сценски живот и стана една од претставите на Драмски со најбројни гостувања во странство. „Кармен“ беше изведена на театарски фестивали и сцени во Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Молдавија, Грузија, Турција и во Јужна Кореја, потврдувајќи ја својата уметничка зрелост и универзалност пред различни публики и културни контексти.

Во центарот на „Кармен“ е жена која, во текот на една долга ноќ покрај телото на својот починат сопруг, ја отвора целата мапа на својот живот – бракот, разочарувањата, стравовите, потиснатите желби, класните предрасуди, лицемерието, религиозните догми и општествените норми што со години ја обликувале. Нејзиниот монолог постепено се претвора во брутално искрена исповед за еден брак, но и за едно време во кое љубовта, моралот, политиката и општествените улоги постојано се судираат.

Монодрамата на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е актерска партитура со исклучителна емотивна прецизност и сценска концентрација, во која Кармен не е само лик, туку жив организам составен од контрадикции, ранливост, суровост, љубов, страв и потреба да биде слушната.

За оваа улога, Драгиќевиќ-Пројковска ја доби наградата за најдобар актер на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола во 2021 година, како и наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Република Албанија во 2022 година. На истиот фестивал, Дејан Пројковски беше награден за најдобра режија, а „Кармен“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот.

Креативниот тим на претставата го сочинуваат: Дејан Пројковски – режија и драматизација, Ненад Велковски – превод, Валентин Светозарев – сценограф, Раде Василев – костимограф, Горан Трајкоски – композитор, Олга Панго – сценски движења, Елена Бојаџиева – фотографии и дизајн на плакатот, Гоце Бојчев – инспициент, Митко Ризов – мајстор на светло и Саше Георгиев – мајстор на тон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот