Во Чифте амам е поставена изложбата „Кога водата ќе секне“ на Верица Ковачевска
Во објектот Чифте амам при Националната галерија на Република Северна Македонија на 16 октомври, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Верица Ковачевска со наслов „Кога водата ќе секне (When Water Runs Dry)“, во кураторство на д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија.
Препорачано
Изложбата претставува ретроспективно-продуцирана целина по повод 20 години творештво на Ковачевска и опфаќа осум мултимедијални инсталации – видео, звук, просторни инсталации, цртежи и партиципативни проекти – распределени низ поединечните простории на Чифте амам.
Водата е поставена како централна метафора и наративна нишка низ изложбата – како знак на живот и обновување, но и на исчезнување, меморија и загуба. Делата отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и екологијата на просторот, испреплетувајќи ги личните наративи со општествените контексти.

– Проектите и истражувањата на Ковачевска може да се сместат во пресекот на неколку современи дискурси: урбаната меморија, каде што архитектонските структури стануваат носители на колективно сеќавање и траума; екологијата на просторот, која ги чита материјалите и амбиентите како активни агенти; и праксата на партиципација, преку која публиката е директно вклучена во процесот на истражување и создавање – посочува кураторката д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија.
Верица Ковачевска (1982, Скопје / живее и работи во Цирих, Швајцарија) е мултимедијална уметница чија практика се одликува со истражувачки пристап, работа со јавен простор и активно вклучување на публиката. Нејзините дела биле претставени на бројни групни и самостојни изложби, како и на фестивали, меѓу кои: Музеј „Тингели“ (Базел), Музеј на современата уметност (Скопје), „Хелмхаус“ (Цирих), Музеј на современата уметност (Роскилде), Фондација „Мерц“ (Торино), „Манифеста 11“ (Цирих), 4. Московско биенале и „Урбан Фестивал 10“ (Загреб).

Ковачевска има диплома по визуелни уметности со театар и изведба од Универзитетот во Плимут и магистратура по уметности, култура и образование од Универзитетот во Кембриџ. Добитничка е на бројни награди, грантови и резиденции. Од 2023 година е докторант на Универзитетот „Hafen City“ (Хамбург), каде што работи на пресекот меѓу уметничкото истражување, попреченоста и јавниот простор. Нејзината изложба во Чифте амам ќе биде отворена за јавноста до 11 ноември годинава.


