Во чест на Коле Чашуле, хип-хоп претставата „Црнила ремикс“ гостува во Прилеп

Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов и во продукција на Младинскиот културен центар од Скопје, на 27 мај (сабота), во 21 часот, ќе биде изведен на Могилата на непобедените во Прилеп.

Гостувањето го организира МТФ „Војдан Чернодрински“, во чест на авторот во фокус Коле Чашуле, како најава на 57. издание на фестивалот, што ќе се реализира од 9 до 16 јуни. Гостувањето на „Црнила ремикс“ е подарок на театарскиот фестивал за својата публика во Прилеп, истакнува Ана Стојаноска, директорка на фестивалот.

– Како што Коле Чашуле го посвети името Могила на непобедените, така МТФ „Војдан Чернодрински“ го посветува овој настан на нашиот автор во фокус Коле Чашуле – посочува Стојаноска.

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.

Премиерата на претставата се одржа на 28 септември 2018 година. За музиката и препевот во претставата се погрижија Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“). Улогите ги толкуваат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска (Емилија Мицевска), Павле Димковски.

Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска. За видеото се погрижија Милан Блажевски и Борис Таковски. Дизајнер на тон – Симон Кипровски, дизајнер на светло – Илија Тарчуговски. Графичкиот дизајн е на Бисера Михајловска, а за фотографијата се погрижи Кире Галевски. Продуцент е Русе Арсов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот