Во 2025 година рекорден број политички конфликти во светот: Војните се само „највозбудливиот“ дел
Бројот на политички конфликти во светот оваа година достигна историски максимум – од јануари до септември 2025 година, регистрирани се 1.450 политички конфликти со различен интензитет и сè уште се во тек, според „Биланс на безбедност 2025“ на фирмата за геоподатоци „Мајкл Бауер Интернешнл“ од Карлсруе, пренесува Дојче веле.
Политичките конфликти во светот го достигнаа својот историски максимум оваа година, а војните се само најзабележителниот дел, според студијата, која вклучува и санкции, трговски спорови и протести, кои се случуваат и во Франција и во Србија.
Препорачано
Бројот на политички конфликти во светот оваа година достигна историски максимум – од јануари до септември 2025 година, регистрирани се 1.450 политички конфликти со различен интензитет и сè уште се во тек, според „Биланс на безбедност 2025“ на фирмата за геоподатоци „Мајкл Бауер Интернешнл“ од Карлсруе, пренесува Дојче веле.
Во текот на оваа година, додадени се 70 нови конфликти, додека 18 се прекинати.
Според студијата, овие документирани конфликти се определени не само од настаните на бојното поле, туку и од економските притисоци, стратешките сигнали или политичките блокади, пренесува ДПА.
Авторот на студијата и научникот Николас Шванк, кој претходно го водеше Институтот за меѓународни студии за конфликти во Хајделберг и беше одговорен за објавувањето на „Конфликтбарометар“, вели- дека ризикот од погрешно проценување на ескалациите расте.
Последица од релативно ниското ниво на насилство е воздржаност во примената на превентивни мерки, како и ограничена подготвеност за нови политички и економски пристапи или за прифаќање умерени трошоци во раните фази од конфликтот.
„Затоа мерките често се преземаат само кога веќе е настаната значителна штета“.
Важен тренд оваа година е силното зголемување на билатералните трговски и царински спорови, кои се особено предизвикани од мерките на американската администрација под претседателот Доналд Трамп. Овие конфронтации брзо се одразија на меѓународно ниво.
Повеќе војни во споредба со 2024 година
Меѓу конфликтите регистрирани до крајот на септември оваа година, има 89 војни, што е за 11 повеќе отколку во текот на целата претходна година. Овие многу интензивни вооружени конфликти се случија во 31 земја. Примери за тоа се војната меѓу Русија и Украина, како и внатрешните конфликти, како оние во северен Мали. Субсахарска Африка, Блискиот Исток и делови од Азија продолжуваат да бидат најтешко погодени.
Во 2025 година, девет конфликти за првпат го достигнаа највисокото ниво – војна. Станува збор исклучиво за конфликти кои беа насилни и во претходните години. Зголемувањето на бројот на војни во 2025 година не е резултат на избувнувањето на нови големи војни, туку пред сè на влошувањето на долгорочните конфликти.
Најизразените ескалации се забележани во Сомалија, Демократска Република Конго и Буркина Фасо.
„Овие настани генерално остануваат под прагот на перцепцијата на западните медиуми, но значително ја менуваат регионалната безбедност“, се наведува во анализата.
Многу тешки конфликти под прагот на војна
„Војните, сепак, се само видливиот врв на ледениот брег“, пишува Шванк понатаму во анализата. Многу конфликти со големо влијание се одвиваат без одржливо насилство на бојното поле, но сепак влијаат, на пример, на дипломатијата, пазарите и проценките на безбедносната политика.
Санкциите, царините, ограничувањата на извозот и инвестициите, како и дипломатскиот притисок, се користат сè повеќе и повеќе насочени и често произведуваат ефекти без отворени војни. Токму ваквите конфликти често се игнорираат, но можат да се развијат во пошироки геополитички или геоекономски конфронтации, предупредува Шванк.
Исто така, постојат 523 насилни кризи под прагот на војна.
„Тие се движат од протести кои привремено стануваат насилни – околу 140 протестни конфликти во земји како Франција, Србија, Мексико или Филипините – до конфликти со вооружени групи во земји како Централноафриканската Република, Индија или Индонезија“.
Оваа категорија, исто така, вклучува прекугранични тензии, на пример меѓу Судан и Јужен Судан или меѓу Етиопија и Кенија, пишува ДПА.


