Во 2025 година имало најмногу егзекуции во последните четири децении – кои се водечките светски џелати?
Егзекуциите во 2025 година се искачија на највисокото ниво што го има забележано „Амнести интернешнел“ од 1981 година наваму, при што 2.707 луѓе биле егзекутирани во 17 земји, открива најновиот годишен извештај на организацијата за човекови права за глобалната употреба на смртната казна.
Препорачано
Според „Амнести“, шокантниот пораст забележан во извештајот „Смртни пресуди и егзекуции 2025“ се должи на тоа што „мал број влади се решени да владеат преку страв“.
„Иранските власти, главните двигатели зад овој скок, егзекутирале најмалку 2.159 лица, што е повеќе од двојно во споредба со 2024 година. На друго место, Саудиска Арабија го зголемила бројот на егзекуции на најмалку 356, користејќи ја смртната казна во голема мера за прекршоци поврзани со дрога“, соопштија од организацијата.
Егзекуциите во Кувајт се зголемиле речиси за три пати (од шест на 17), додека речиси се удвоиле во Египет (од 13 на 23), во Сингапур (од девет на 17) и во Соединетите Американски Држави (од 25 на 47). Вкупно егзекуциите пораснале за 78 отсто, откако во 2024 година биле регистрирани најмалку 1.518 егзекуции.
„Кина останува водечкиот егзекутор“
Вкупниот број за 2025 година не ги вклучува илјадниците егзекуции за кои „Амнести интернешнел“ верува дека продолжиле да се извршуваат во Кина. Според организацијата, Кина останува водечкиот егзекутор во светот.
„Овој алармантен скок во употребата на смртната казна се должи на мала, изолирана група држави подготвени да вршат егзекуции по секоја цена и покрај континуираниот глобален тренд кон укинување. Од Кина, Иран, Северна Кореја и Саудиска Арабија до Јемен, Кувајт, Сингапур и САД, ова бесрамно малцинство ја користи смртната казна како средство за всадување страв, задушување на несогласувањето и покажување на моќта што државните институции ја имаат над обесправените луѓе и маргинализираните заедници“, рече Агнес Каламард од „Амнести интернешнел“.
Повторното зајакнување на исклучително казнените пристапи во „војната против дрогата“ ја поттикнало употребата на смртната казна. Ова се одразило и во бројот на егзекуции, при што речиси половина (1.257 или 46 отсто) од сите познати егзекуции биле извршени за прекршоци поврзани со дрога: во Кина (официјално бројот на егзекуции не е познат), Иран (998), Кувајт (2), Саудиска Арабија (240) и Сингапур (15). Алжир, Кувајт и Малдивите презеле законодавни чекори за проширување на опфатот на смртната казна за да вклучи и прекршоци поврзани со дрога, објави организацијата.
Владата на Буркина Фасо усвоила предлог-закон што предвидува повторно воведување на смртната казна за дела како „велепредавство“, „тероризам“ и „шпионажа“, додека властите во Чад формирале комисија за разгледување прашања поврзани со смртната казна – вклучително и нејзиното повторно воведување.
Егзекуции извршени од мал број земји
Иако бројот на егзекуции пораснал, земјите што ги извршуваат остануваат изолирано малцинство. Кина, Египет, Иран, Ирак, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Сомалија, САД, Виетнам и Јемен се истите 10 земји за кои е познато дека извршувале егзекуции секоја година во последните пет години и кои постојано покажуваат непочитување на заштитните мерки утврдени со меѓународното право и стандардите за човекови права.
Четири земји повторно вовеле егзекуции минатата година – Јапонија, Јужен Судан, Тајван и Обединетите Арапски Емирати.
„Време е земјите што извршуваат егзекуции да се усогласат со остатокот од светот и да ја остават оваа одвратна практика во минатото“, посочи Калард.
На други места во светот бил постигнат напредок, што според Калард покажува дека надежта е посилна од стравот.
„Во Европа и Централна Азија не биле регистрирани ниту егзекуции ниту смртни пресуди“, велат од „Амнести интернешнел“.
Кобни пропусти во безбедноста: Каде потфрли Израел и зошто не го превенираше нападот на 7 октомври
Седумнаесетта година по ред, САД е единствената на континентот Америка што извршувала егзекуции, при што речиси половина од сите егзекуции во САД биле извршени во Флорида. Егзекуциите во Субсахарска Африка биле ограничени на Сомалија и Јужен Судан. Авганистан бил единствен во Јужна Азија, а Сингапур и Виетнам – во Југоисточна Азија. Тонга, пак, била единствената во Пацификот што ја задржала смртната казна во законите.


