ВМРО-ДПМНЕ има нов портпарол, партијата избра и други „нови лица кои треба да внесат свежина“
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека на вечерашната седница, извршниот комитет на партијата донел повеќе кадровски решенија за претседатели на општинските комитети, а за нов портпарол е избран Валентин Манасиевски.
Препорачано
Од партијата велат дека дел од избраните се „нови лица кои треба да внесат свежина“, а дел се актуелни претседатели кои, според ВМРО-ДПМНЕ, ги задржуваат функциите откако оствариле големи победи на претходните избори и резултати во локалните самоуправи.
За Манасиевски велат дека е долгогодишен активист кој политичкиот ангажман го започнал во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
„Има завршено високо образование на Филозофскиот факултет при УКИМ, а моментално е на мастер студии на УГД во Штип“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Избрани се и нови претседатели на општинските комитети во повеќе општини низ државата.
Меѓу нив се: Тони Јаревски во Карпош, Иван Живковски во Кисела Вода, Дејан Митески во Аеродром, Сергеј Попов во Центар, Ѓоко Велковски во Чаир, Дарко Костовски во Бутел, Бојан Стојаноски во Ѓорче Петров, Душко Иванов во Штип, Александар Велјановски во Тетово и Мартин Андоновски во Гостивар, соопшти владејачката партија.
„ВМРО-ДПМНЕ со овие кадровски решенија ја гради иднината на државата, како на локално, така и на централно ниво“, велат од партијата.


