Власта си става судска тога
Нема законска одредба по изгласана интерпелација Судскиот совет да закажува седница. Ние не можеме да конструираме закон, вели член на Советот. Од Уставниот суд додаваат дека Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае врз надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии
Судскиот совет сè уште не го добил дописот од Собранието за интерпелации на петте члена избрани од парламентот и засега е неизвесно дали ќе закаже седница на која ќе расправа за изгласаната недоверба кон петтемина колеги. Премиерот Христијан Мицкоски и собраниското мнозинство остануваат на ставот дека на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа повеќе не им е местото во Советот и треба да си поднесат оставки или да бидат разрешени.
Дилемата се очекува да ја разреши претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски по враќањето од Брисел. Во Уставниот суд, пак, немаат дилема дека Собранието нема никаква надлежност врз уставните судии, откако ДУИ најави интерпелации и за нив.
Препорачано
Немаат предлози за нови членови на Судскиот совет
ВМРО-ДПМНЕ веќе порача дека очекува Судскиот совет да закаже вонредна седница, бидејќи петтемина членови „го изгубиле легитимитетот да учествуваат и да одлучуваат во работата на Советот“.

– Последниот браник и цврст штит на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите. Најголемиот дел, би рекол 95 отсто од обвинителите и судиите, се луѓе што чесно си ја работат својата работа. Но, за жал, има и такви што останаа да бидат партиски измеќари и што ценат дека кога ќе ја облечат тогата, наместо да заборават на партиските привилегии и оние што ги предложиле таму, тие сè уште се верни слуги на истите коишто на времето, ете, бидејќи такви се законите и процедурите, ги предложиле да бидат таму каде што се – рече Мицкоски.
Тој додаде дека немаат предлози за нови членови на Судскиот совет.
– Не, ние не влеговме во ова затоа што имаме однапред подготвени тефтерчиења во кои се наоѓаат имиња, како тие што беа во Речица и на Бихаќска. Ние влеговме од принципиелни причини, бидејќи вие, граѓаните, им дадовте доверба од два проценти. А и последните случувања за избор на в.д. претседател на Врховниот суд, името што е избрано е дополнителен мотив овие членови на Судскиот совет да бидат разрешени – рече Мицкоски.

Камбовски ни одговори дека е на состанок во Брисел и не може да одговори на нашето прашање. Дел од членовите на актуелниот и на претходниот состав на Судскиот совет што ги контактираше „Слободен печат“, велат дека не очекуваат претседателот да свика седница за изгласаната недоверба на пет члена на Советот, затоа што за да расправаат прво треба да има барање за дисциплинска одговорност за член или членови на Советот.
– Нема законска одредба по изгласана интерпелација Судскиот совет да закажува седница. Ние не можеме да конструираме закон – вели актуелен член на Советот.
И друг член на Судскиот совет вели дека Советот нема надлежност да расправа за одлуки на друга власт. Сепак, ако претседателот се одлучи на таков чекор и свика вонредна седница на барање на Собранието, тогаш ќе го кажат ставот.
Поранешен член на Судскиот совет вели дека претседателот може да свика седница за дисциплинска постапка за член на ова тело ако ја занемарува и не ја извршува својата функција, но дека тоа е процедура, во спротивно ќе се случи незаконско разрешување како во случајот на Дамева. Образложено барање за поведување постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет, до Судскиот совет може да поднесат најмалку 20 судии или секој член на Судскиот совет со право на глас. Без одлука на Судскиот совет, не е можен престанок на мандатот на член на Советот.
Што предвидува Уставот
Од друга страна, Уставниот суд е категоричен дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од законодавната, ниту од извршната власт, откако ДУИ најави дека следни за интерпелација се уставните судии ако се „обидат да чепнат во Законот за јазиците“.

– Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, не подложи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти, затоа што тој е контролор на нивните постапки акти и дејствија. Самостојноста и независноста на Уставниот суд и на уставните судии имаат најсилна уставна гаранција – велат од Судот.
Оттаму додаваат дека Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае врз надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии.
– Институтот интерпелација, предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата, т.н. уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд – е ставот на Уставен.
Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот, посочуваат оттаму. Секоја постапка или дејствие, преземено надвор од оваа уставна одредба, би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.
– Уставниот суд укажува до сите државни органи дека се должни да се придржуваат на со Устав утврдените надлежности, бидејќи никој нема повеќе права од оние кои Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичката култура како основи на едно демократско општество. Секој е должен да го почитува Уставот – информираат од Уставниот суд.
Пратеници на ДУИ најавија дека ќе поднесат интерпелации за уставните судии на неодамнешната собраниска седница, на која беше изгласана недоверба на пет члена на Судскиот совет. Дали ДУИ ќе опстои на најавата, ќе биде јасно следната недела, бидејќи неофицијално, планот бил да ги поднесат во пресрет на подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за јазиците, закажана на 20 март.
Агелер: Најважно е да биде на транспарентен начин
Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, рече амбасадорката на САД Анџела Агелер во одговор на новинарско прашање како ги коментира изгласаните интерпелации.

Фото: Слободен печат
– Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние што го набљудуваат – рече Агелер.


