Лидерска средба / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Власта ќе ја укинува техничката Влада и без консензус, измените на Законот е можно уште утре да бидат пред пратениците

Предлогот е техничката влада да важи уште за следните избори, а дефинитивно ќе замине во историјата на изборите потоа, иако опозицискиот СДСМ е против. ДУИ уште чека абер од меѓународните претставници за да изгради став, а ЗНАМ, Вреди и Левица се за укинување

Владата го почна процесот на укинување на Пржинската или техничката влада и без консензус од сите праламентарни партии. Уште утре, а најдоцна следната недела, измените на Законот за Влада ќе бидат доставени до пратениците, брифира за Слободен печат“ висок функционер од Владата. Предлогот е техничката влада да важи уште за следните избори, а дефинитивно ќе замине во историјата на изборите потоа, иако опозицискиот СДСМ е против, а ДУИ уште чека абер од меѓународните претставници за да изгради став по ова прашање. ЗНАМ, Вреди и Левица по лидерската се изјаснија дека се за укинување на техничката влада. Освен укинувањето на техничката влада, законот ќе претрпи измени и во делот на министерствата за да се прецизира во кои ресори опозицијата ќе има дополнителни министри, по реорганизацијата на Владата.

Функционерот нè избрифира дека веќе се сретнал со координаторите на опозициските пратеничките групи, на кои им ги образложиле измените на законот и дека откако предлог-измените ќе бидат доставени, тие ќе треба да се изјаснат во кои министерства ќе сакаат да имаат дополнителни министри.

Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски за ТВ21 изјави дека Владата ќе предложи техничката влада да важи уште на следните парламентарни избори, а на изборите потоа таа повеќе да не постои. Ова значи дека власта ја избра втората или компромисната варијанта како што по лидерската средба изјави Мицкоски, односно техничката влада да не се укине веднаш. Според премиерот, тоа е компромисното решение, бидејќи СДСМ одбива да се укине техничката влада.

– Техничка влада не треба, апсолутно е безпредметно, но опозицискиот СДСМ се предомисли. Иако пред изборите велеа дека се за укинување на техничката влада, сега велат не. Би било премногу таа засекогаш да остане. Ние велиме во ред, можеме сами да го смениме со 61 пратеник и не е потребен Бадентер, еве на следните парламентарни избори нека остане техничката влада, но барем од следните избори, еве покажете се, победете и од следните избори можеби ВМРО-ДПМНЕ ќе биде опозиција и ќе нема жалење. Имав состанок со министерот за јавна администрација и законот најверојатно ќе оди како предлог од Владата – рече Мицкоски.

Ахмети се избори за дополнителна средба очи в очи со Мицкоски, на лидерската падна договор за нов Изборен законик

Лидерот на СДСМ Венко Филипче повтори дека нема да го поддржат предлогот. Тој за „Слободен печат“ вели дека со самото тоа што власта законот ќе го турка без консензус, покажува дека нема демократски капацитет.

– Нема да го поддржиме укинувањето на техничката влада. Сметаме дека во овој момент општеството е далеку од подготвено и оваа Влада е далеку од капацитетот да спроведе фер и демократски избори. Ако тоа го кажуваме сега, не може да претпоставиме како ќе биде во следниот изборен циклус, имајќи предвид дека тоа е одлука што се носи со консензус на сите партии. Техничката влада се воведе врз основа на параметри, критериуми и настани во 2015/16 година, кои не само што се слични, јас би рекол се идентични со условите на тогашното владеење на Никола Груевски со ова сега – авторитарно, со злоупотреба на полицијата, социјалните служби и други институции кои се целосно партизирани. Нема ниту една, ама ниту една причина за да се укине. Оваа власт ги има истите манири. Ние нема да поддржиме решение со кое повторно на мала врата, со некој трик ќе се протне дека сега ќе остане техничката влада, а на следните избори ќе се укине – вели Филипче.

Венко Филипче - Претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев
Венко Филипче – Претседател на СДСМ – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Според него, преку реална и објективна анализа треба да се утврди дали власта е спремна или не да спроведе демократски избори. Тој додава дека ова ќе биде прв циклус на парламентарни избори во организација на ВМРО-ДПМНЕ по 2016 година. СДСМ ќе учествува на избори без оглед дали техничката влада ќе се укине.

– Дефинитивно на кој било следен изборен циклус ќе учествуваме, ќе се бориме да излезе на површина вистината и да ја разобличиме оваа власт. Не може премиерот да кажува дека има добра волја, па на изборите потоа да се укине техничката влада и дека има мнозинство и без опозицијата да ја укине. Тоа е најдобар показател дека дека нема деморатски капацитет. Кој е тој да каже дека има добра волја? Без разлика на мнозинството, ние сме парламентарна демократија ако нешто се носи со консензус, треба и да се укине со консензус – ни изјави Филипче.

Од ДУИ велат дека остануваат на ставот на лидерот Али Ахмети за евентуалното укинување на техничката влада. Ахмети по лидерската средба ијави дека за прашањето за техничката влада треба да се консултира и меѓународната заедница, која беше вклучена при нејзиното формирање.
Од ЗНАМ, Вреди и Левица тогаш се изјаснија дека се за укинување на техничката влада.

Техничката влада беше воведена како дел од политичкиот договор по длабоката политичка криза во 2015 година. Нејзината цел беше да обезбеди дополнителни гаранции за фер и кредибилни избори во услови на силна недоверба меѓу власта и опозицијата.

Моделот предвидуваше влез на опозициски кадри во клучни ресори и ограничување на целосната контрола на извршната власт во последните 100 дена пред избори.

Ќе падне ли пржинскиот модел?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот