Власта ги крие докторите со „еликсир на континуирана работа“ – еден рекордер од нив заработил 700 илјади денари за еден месец
Премиерот Христијан Мицкоски вчера од собраниската говорница зборуваше за доктори со „еликсир на континуирана работа“ кои со книжење дежурства и други додатоци стигнувале до баснословни суми на исплати од 10 илјади евра месечно во јавните здравствени установи.
Препорачано
Но, еден ден подоцна ниту Владата ниту Фондот за здравство кој е задолжен да ги контролира ваквите исплати, ниту Министерството за здравство не сакаат да кажат кои се тие доктори ниту во кои болници работат.
Ваквото однесување претставува прашање на нетранспарентност и калкулација, но и претставува држење монопол со информациите кои по правило треба да се јавни, бидејќи исплатите се буџетски, од парите на сите граѓани. Ниту ФЗОМ ниту Владата немаат право да ги чуваат во тајност информациите за овие доктори и да не ги бараат исплатените средства назад во буџетот, доколку утврдиле (а имаат механизми) дека исплатите се без основ.
-Е сега, кога станува збор за здравството треба понекогаш не само да зборуваме убави работи. Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници кои што наоѓаат начин преку чуден еден нов изум, кој што јас го нареков „еликсир на континуирана работа“, книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања кои честопати знаат да бидат и над 10 илјади евра. Чудно но вистинито, има и такви здравствени работници кои со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 или 28 дена. И, ни помалку ни повеќе туку 24 часа. Вкупно 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа. Има и такви случаи. И сега треба самите да се преслушаме каде одиме, затоа што ова не се решава со системско решение. Ова е личен момент и секој треба својата лична одговорност да ја пренесе на останатите. Ние како влада можеме да донесеме системско решение, па министерот воведува регулирање на работно време, дури одиме и на терминали со отчитување отпечаток на прст, да видиме дали на тој начин тоа да го направиме. Дури има и случаи каде луѓе што се на дежурство со помош на овој еликсир на младоста, во јавните здравствени установи истовремено наоѓаат начин и во приватните здравствени установи да прегледуваат. Има и такви случаи да речеме. Но, тоа не е до владата, не е до министерот, ни до директорот на ФЗОМ. Треба самосвеста да проработи. Има такви кои се, би рекол во научната фела многу високо позиционирани. Нема да споменувам имиња, но ако е потребно, можам и тоа да го направам во одредена фаза. Затоа што на тој начин директно се удира по грбот на граѓаните и здравствените институции, рече премиерот Мицкоски.
Министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција откри дека еден доктор заработил 700 илјади денари за еден месец.
-И Министерството за здравство и Владата ги знаат институциите, дозволете институционално да го решиме ова. Не би смеел да ги кажам деталите на прес-конференција, рече тој.
Тој не исклучи кривична одговорност за ваквата пракса. Власта ќе воведува системи за евиденција на работното место со отпечаток од прст за здравствените работници и веќе во две клиники го тестираат ваквиот систем.
-Имаме доктори што прегледуваат еден пациент неделно, а други 100 пациенти неделно. И едното и другото не е во ред.
Според Алиу, имало установи каде се работела дополнителна дејност двојно подолго од законски утврдениот минимум кој изнесува 20 проценти од часовите. Двајца специјалисти од иста специјалност имале многу голема разлика во бројот на извршени операции, едниот имал 1.134 а другиот 470. Во внатрешноста имало лекари што не направиле ниедна операција цела 2025 година.
Фондот за здравство во декември 2025 година извести дека во 18 јавни здравствени установи биле исплаќани истовремено и додатоци за смена и додатоци за дежурства, дека прекувремено се работело над законскиот лимит од 32 часа месечно, а имало и директори што си ги пумпале платите надвор од колективниот договор и надвор од Законот. Контролорите на ФЗОМ од секоја јавна здравствена установа во која беа констатирани овие прекршувања, побараа да се вратат средствата, но никогаш не беше соопштено кој колку пари вратил.
„Слободен печат“ од свои извори дознава дека една докторка од Клиниката за детски болести требало да враќа пари зашто примала надоместок еден или два месеци после пензионирањето. Во Владата прашавме на кои клиники се докторите за кои премиерот утврдил дека работат „со еликсир на континуирана работа“ но бевме игнорирани.
Иако исплатените средства од 10 илјади евра за кои зборуваат премиерот и министерот за здравство не успеавме да ги потврдиме со документација од ниедна Клиника ниту институција, сепак „Слободен печат“ доби документи од државната Клиника за кардиохирургија каде исплатите на специјалист стигнувале до 250 илјади денари во еден месец, односно над 4 илјади евра. Тука влегувале и часови од минат труд, но имало и дежурства, ноќна работа, работа на празници и викенди, со финална исплата од 258 илјади денари во конкретниот месец за еден од докторите специјалисти.
Од Фондот за здравствено осигурување за „Слободен печат“ велат дека континуирано го следат трошењето на средствата во рамки на договорните здравствени установи преку вонредни и редовни финансиски контроли. Во 2025 година, додаваат оттаму, биле спроведени контроли во повеќе здравствени установи при што во одредени случаи се констатирани отстапувања во начинот на пресметка и исплата на надоместоците вклучително и во делот на организацијата на дежурства.
Фондот нема овластување за постапување како инспекциска служба. За сите утврдени состојби се изготвени извештаи со укажувања, кои согласно законските надлежности се доставени до самите здравствени установи, како и до надлежните институции – Министерството за здравство, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија за понатамошно постапување.
Имајќи предвид дека постапките по овие извештаи се уште во тек, ФЗОМ во оваа фаза не е во можност да споделува поединечни случаи, ниту да наведува конкретни имиња на здравствени работници или установи.
МВР, Финансиската полиција и Јавното обвинителство во неколку наврати имаат побарано извештаи од финансиска контрола за нивно понатамошно постапување, а исто така финансиската полиција и МВР побараа од ФЗОМ да изврши контрола во јавните здравствени установи каде се констатирани поголем број неправилности и каде предизвикана е поголема финансиска штета врз буџетот. Годишниот извештај од финансиски контроли за 2024 година е објавен на веб-страницата на ФЗОМ, одговорија оттаму за „Слободен печат“.
Министерот Алиу информираше и дека има голема разлика меѓу бројот на реализирани упати – еден доктор имал 16.526 реализирани упати, а друг доктор во друга клиника само 7.352 реализирани упати.
-Иако се работи за различни специјалности, мора да следиме како овие разлики се можни. Има бројки кои се нелогични за здравствениот систем, смета министерот.
Тој најави дека Министерството за здравство ќе бара информации колку време лекарите од јавното здравство поминуваат во приватните здравствени установи. Тој се пожали дека и него го игнорирале од приватните здравствени установи и не му давале информации.
-Со тешки маки и енергија доаѓаме до податоци. Институциите не ги ажурираат податоците за тоа колкава е листата на чекање иако имаат законска обврска. Мора да се смени менталитетот, рече Алиу.
Лидерот на опозициската СДСМ и неврохирург Венко Филипче коментирајќи на темата за изјавата на премиерот поддржа теза докторите да работат и да заработат.
-Еден коментар на вчерашната изјава на премиерот, дека докторите што работеле деноноќно биле на некакви еликсири и затоа заработувале многу пари. Сакам да му кажам дека Христијане, за разлика од тебе што цел живот ништо не си работел, ние сме работеле и сме дежурале 24 часа и повеќе денови консекутивно во неделата. Моите колеги имаат право со работа да заработат, зашто ние не случајно им ги зголемивме платите и дежурствата на лекарите за да имаат достоинствен живот. Ти не си тој што ќе каже колку докторите треба да заработуваат. Тоа е работна навика, посветеност за спасување животи, за унапредување на нашиот здравствен систем. Мизерно е и срамота да кажеш, како универзитетски професор дека докторите работат на еликсир, рече Филипче.


