Владините министри ќе одат на колективен одмор
Премиерот Христијан Мицкоски, денес одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандумот за разбирање со турската компанија „Казанџи холдинг АС“ кажа дека Владата ќе биде на одмор во периодот од 5-ти до 15-ти август, а по годишните одмори официјално ќе го соопшти начинот на кој владината коалиција ќе настапи на претстојните локални избори.
Препорачано
„Што се однесува до владината коалиција и настапот на следните локални избори, разговорите се исклучително конструктивни, се движат во позитивна насока. Очекувам таму некаде, условно кажано, по годишните одмори да имаме и официјално соопштение до јавноста. Очекувам Владата помеѓу петти и 15 август да биде на годишен одмор, тие десетина дена. Анализите во тој период ќе траат, разговорите ќе траат и веднаш после 15 август, еве да речеме втората половина на август месец и тоа да се официјализира“, рече премиерот Мицкоски.
Разговорите за изборите во владината коалиција Мицкоски вели дека се веќе завршени, а сега се прават анализи за идни потенцијални коалициски партнери. Извесно е дека владините коалиционери ќе имаат свои советнички листи во сите, ќе се поддржуваат во делот на градоначалниците.


