Владата токми тектонски промени во здравството: Пензија на 70 години, глоби до 10 илјади евра за неиздавање фискална и за работа без лиценца
Владата спрема тектонски промени во здравството. На ЕНЕР пред два дена се објавени измените на Законот за здравствена заштита на дури 37 страници во кои е опишано што сè ќе се менува. „Слободен печат“ ги разгледа промените и сумирано, тие се однесуваат на вработувањата, на специјализациите и начинот на пензионирање на лекарите, а има членови што ги опфаќаат директорите. Во измените се предвидени големи казни кои досега не постоеа. Заради случаите здравствени работници да вршат здравствени услуги без поседување на лиценца за работа или положен стручен испит, сега се предвидува прекршочна санкција и за директорот и за болницата/клиниката.
Препорачано
Глоба од 200 до 1.000 евра за микро правни лица, од 200 до 2.000 евра за мали правни лица, од 500 до 6.000 евра за средни правни лица и од 500 до 10.000 евра за големи правни лица ќе се изрече за прекршок ако не се издаде фискална сметка за извршената здравствена услуга на пациент кој плаќа со лични средства. Истите глоби се предвидени за здравствените установи ако барем половина година пред затворањето (престанокот со работа) не го известат Министерството за здравство и корисниците на здравствените услуги за одлуката.
Такви казни има и ако здравствените установи не го утврдат начинот на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценцата на здравствените работници. Глоба е предвидена и за директорот и за јавната здравствена установа ако го тераат здравствениот работник да дежура против негова волја, а е на возраст над 59 години за маж и 57 години за жена. Казни се предвидени за јавните здравствени установи што нема да формираат Комисија за следење на квалитетот.
Со измените во Законот за здравствена заштита се детерминира Комисијата за квалитет до Министерството за здравство да мора да го достави мислењето за смртта на секој пациент поединечно најдоцна до крајот на месецот кој следи по месецот во кој настапила смртта.
Предвидено е поради недостиг на специјалисти и супспецијалисти истите по навршување на 67 години, до 70 години да бидат ангажирани во болниците и клиниките со договор, а во исто време да ја примаат и пензијата. Според предложените измени, за ваквите случаи согласност ќе даваат Министерството за здравство и Фондот доколку нема повеќе услови за извршување на определена здравствена дејност.
Се предвидува и забрана за преземање кадар од примарно и секундарно ниво во терциерни установи, со цел спречување краткорочни вработувања за трансфер. Најдобрите дипломирани доктори по медицина ќе имаат приоритет при вработување без спроведување селекциска постапка.
Според постоечкиот закон, пријавувањето на кандидатите за вработување во јавното здравство се врши врз основа на оглас кој се објавува во дневниот печат со рок за пријавување од пет дена. Сега се предлагаат измени – огласите за вработување да се објавуваат на интернет-страниците на Агенцијата за администрација, Агенцијата за вработување и на сајтот на јавната здравствена установа. Се предлага зголемување на рокот на траење на огласот за да се овозможи да се пријават поголем број заинтересирани кандидати. Досега имаше случаи каде огласот се објавуваше во четврток, а траеше до недела, за намерно да го видат само оние што е договорено да аплицираат на него.
Заради појавите на огласите за вработување да не се вработуваат најдобрите кандидати, се предлага Комисијата за селекција да не ја предлага директорот како што беше досега, туку стручниот колегиум и тоа за секое огласено работно место посебно.
Самата постапка за вработување ќе се спроведува во три фази и тоа административна селекција, прелиминарна селекција и интервју, а комисијата за селекција ќе биде составена од редот на здравствените работници вработени во установата од областа за која се врши селекција.
Промена има и во делот на бодирањето на кандидатите во зависност од успехот во високообразовната установа, односно средното училиште, резултатите од стручниот дел кој се полага електронски, познавањето на еден од светските јазици и интервјуто.
Заради досегашната практика и покрај постигнатиот успех во студирањето, најдобрите студенти да не можат да се вработат, со измените на законот се предвидува можноста за вработување на најдобрите по успех дипломирани доктори на медицина на Медицински факултет во Македонија, кои доколку се пријават на оглас за вработување имаат приоритет и во тој случај не се спроведува постапка за селекција на кандидат, туку истите приоритетно се вработуваат во јавната здравствена установа.
За разлика од досегашната пракса, каде в.д. директор можеше да се бира неограничено, сега ќе може да се бира само двапати, по што Управниот одбор на клиниката ќе мора да именува вршител на должност директор.
Во делот на специјализациите има потреба од прецизирање на начинот на распределба на средствата кои специјализантите, односно супспецијализантите ги плаќаат на високообразовните установи.
Согласно член 141 став 2 од Законот за здравствената заштита, само здравствените работници со високо образование од областа на медицината за да специјализираат мора да имаат најмалку шест месеци работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом или да се вработени во здравствена установа или друго правно лице кое врши здравствена дејност. Овој услов не важи за специјализации од областа на стоматологија и фермација.
Имајќи го предвид долгогодишното траење на студиите на Медицински факултет од кои делот пред дипломирањето студентите го поминуваат на практична работа, а исто така услов за полагање на стручниот испит потребен за стекнување со лиценца за работа е да имаат пробна работа е една година, односно шест месеци во зависност од должината на траењето на студиите, уште шест месеци работа за студентите на медицина пред специјализација се непотребно оптоварување, според предлагачот на измените (Министерството за здравство).
Во делот на кофинансираните специјализации се јавува потреба од прецизирање на одредбите за начинот на утврдување на потребите од кофинансирани специјализации односно супспецијализации и начинот на бодирањето на кандидатите.
Со оглед на појавата специјализациите односно супспецијализациите на здравствените работници односно здравствените соработници кои плаќаат со лични средства да не ги следат реалните потреби за специјалистички односно супспецијалистички кадри се предвидува Владата да донесува програма со која ќе се определи бројот на специјализации односно супспецијализации соодветно на потребите за таков вид на кадри во Македонија.
Согласно член 204-а од Законот за здравствената заштита предвидена е можност здравствен работник односно здравствен соработник да побара да му се продолжи вработувањето најмногу до 67-годишна возраст заради непречено вршење на здравствената дејност, по што директорот е должен да го продолжи вработувањето.
Во практика има случаи кога продолжувањето на вработувањето не е неопходно за потребите на работата на здравствената установа во мрежата, но директорот е должен да го продолжи вработувањето.
Од тие причини се предвидува продолжувањето на вработувањето до 67 години да биде само доколку навистина нема услови за извршување на здравствена дејност по претходно позитивно мислење од стручниот колегиум на здравствената установа, со согласност на вработениот, Министерството за здравство и Фондот за здравственото осигурување.


