Фото: Приватна архива

Владата еднострано ја раскина концесијата за рудникот „Пискупштина“

Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на последната седница донесе одлука за еднострано раскинување на концесијата за рудникот за јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга, а истовремено утврди и престанок на важењето на уште четири истечени концесии.

Одлуките се донесени поради сериозни прекршувања на законските обврски од страна на концесионерите. Во случајот со „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврдил дека се вршела експлоатација надвор од дозволеното подрачје, што претставува директно прекршување на договорот и на законот. По реакциите на жителите на селото, Државниот инспекторат за енергетика и рударство спроведе детална контрола, која ги потврди неправилностите.

Министерството и Владата нагласуваат дека ова претставува јасна порака до сите концесионери дека секое несовесно и незаконско користење на природните ресурси ќе биде санкционирано.

– Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место – нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Ова е случува во период кога Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини им објавува „војна“ на концесионерите.

Инспекторите се постојано на терен каде што е затекната хаотична состојба, објави минатата недела министерката Сања Божиновска.

Таа информираше дека од почетокот на годинава се одземени 46 концесии, и тоа 35 се еднострано започнати, а 11 договори биле истечени, но имало причини поради кои не биле продолжени.

Се користело национално богатство и за само неколку илјади денари: Раскинати договори со 46 концесионери

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во понеделникот објави дека изминативе денови горел рудникот „Пискупштина“ во Струга, кој, според неа, го труе околното население со канцероген воздух.

Таа посочи дека жителите веќе неколку дена алармираат за оваа еколошка катастрофа, но ниедна државна институција не реагирала. Со рудникот, вели Мојсоска, стопанисува приватен концесионер од Скопје кој има дозвола од 2013 година, а моменталната состојба е „алармантна“ поради нагомилан јаглен што лесно се самозапалува.

Мојсоска предупреди дека жителите на Струга веќе се изложени на загадување од дивата депонија во центарот на градот, а сега се принудени да вдишуваат и токсичен чад од запалениот јаглен.

Таа ги повика инспекторатите под Министерството за животна средина и под Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини итно да излезат на терен, да извршат увид и да утврдат одговорност за оваа, како што ја нарече, еколошка хаварија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот