Виножитото на ВМРО-ДПМНЕ
И да беше ова приказна за мали деца, можеби и ќе поверувавме дека „коперниканскиот преврат“ на ВМРО, од камата и револверот, до боите на виножитото, е вистински.
Помпезно најавуваниот пресврт на македонската политичка сцена се издиша како дупнат балон само неколку минути по завршетокот на говорот на Христијан Мицкоски, одржан во Античкиот театар во Охрид, по повод прославата на годишнината од формирањето на најголемата опозициона партија во државава.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Единствените новини, кои му беа соопштени на аудиториумот, беа новиот слоган на партијата – „Македонија на сите луѓе“ и ребрендирањето, кое се сведе на зголемување на спектарот на бои по кои беше препознатлива оваа партија. Се тресеше гората, се роди глушец. Слоганот, сам по себе, или идејата што го поттикнала раководството на ВМРО-ДПМНЕ да го одбере овој слоган, во голема мера потсетува на веќе актуелната платформа на владејачката СДСМ – „Едно општество за сите“ (друго е прашањето дали и политиката на СДСМ, базирана на ова начело, успеа, барем до некој степен, од Македонија да направи едно општество за сите, без оглед на националната, верска, економска, културна или која било друга припадност).
Коперникански пресврт
Она што ВМРО-ДПМНЕ сака да го постигне со промовирањето на овој нов слоган, секако е да покаже дека без оглед на разликите, сите луѓе, да не речам и човеци (современата политиколошка терминологија повеќе би го преферирала терминот граѓани) во ВМРО-ДПМНЕ ќе може да најдат партија што ќе гради политики во интерес на сите граѓани. За да го илустрира тоа уште појасно, традиционалните бои на партијата и државата: црно-црвената на ДПМНЕ и жолто-црвената на Македонија, се нијансирани со спектар од ним блиски бои, демек да се каже дека партијата веќе нема да се грижи само за црно-црвените туку и за сите други луѓе, да не речам, човеци во државава.
И да беше ова приказна за мали деца, можеби и ќе поверувавме дека „коперниканскиот преврат“ на ВМРО, од камата и револверот, до боите на виножитото, е вистински. Но, да не заборавиме, станува збор за партија која своите почетоци ги има како движење кое се стреми кон соединување на Одринско и Македонија кон Бугарија, организација чии членови имаат изарчено повеќе куршуми во меѓусебна борба до истребување, за тоа кој ќе го преземе раководењето со организацијата, отколку во борба со поробителот и која во почетокот на дваесеттиот век за потребите на своето работење од месното население во Македонија собирала повеќе арач отколку турските власти. Конечно, тоа е партијата што за време на десетгодишното владеење под водство на Никола Груевски, на повеќе нивоа доведе до деградација на основните постулати на една нормална, демократска, модерна, држава. Последици кои сеуште ги трпиме.
Како потврда на фактот дека „волкот влакното го менува, но ќудта не ја менува“ (дури и ако се ребрендира) се и неодамнешните аудиоснимки од состаноците на партијата кои се појавија на социјалните мрежи, во кои се разговара за тоа дека Албанците ја окупирале општина Бутел, дека ќе има федерализација и бегалски кампови и дека „сѐ она што го зборуваше Никола Груевски низ годините, сѐ се исполни“. Понатаму, замислете, храбрите комити од ВМРО не се бореле против Заев, туку се бореле против Брисел и Вашингтон, кои сакале да ни ја декомпонираат државата, и дека нам не ни требала ЕУ, туку ние сме им требале нив.
Козметички нијанси
Простете, господине Мицкоски, но промена на политика не се прави со козметички нијансирања, нов слоган и виножито.
Првата работа која ВМРО-ДПМНЕ треба да ја направи за повторно да ја придобие довербата кај граѓаните (оние граѓани што не се членови, ниту симпатизери на политичките партии и кои на изборите одлучуваат водени од тоа која политичка партија ќе направи нешто позитивно, за нив, за нивните деца и за државата) е јавно да се извини и да се дистанцира од политиката на Никола Груевски.
Втора работа која би го приближила ДПМНЕ до граѓаните е партијата да одлучи „белата палата“, во која се наоѓа нивното седиште, топтан, заедно со скапите лустери со сваровски кристали, персиските теписи, стилскиот (а сепак кич) мебел, да им ја подари или можеби подобро кажано, да им ја врати на граѓаните, за во неа да се смести некоја болница или образовна институција, на пример. И третата работа, без која нема реформирање на ДПМНЕ, е таа конечно да заземе прозападна политика насочена кон евро и евроатланска интеграција на Македонија.
Дури потоа, ослободена од бремето на минатото, ВМРО може да се посвети на градење на политики насочени кон сите граѓани на Македонија и некогаш можеби (секако не во скора иднина) да го придобие нивниот глас. Во спротивно, како што вели Мицкоски, „новите ветришта“ што доаѓаат ќе ги издуваат и виножитото и слоганот, а најверојатно и актуелното раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).


