Вики Димчевска, агент за недвижности, револтирано: Самопрогласени агенти го уриваат угледот и долгогодишното работење на вистинските и професионални агенции

Минатата недела во јавноста одекна афера за нов „Фиком“. Имено, агент за недвижности, кој се претставувал како таков, измамил шестмина граѓани, купувачи на ист стан. Оштетените му давале капар, кој по 1.000, кој по 8 илјади евра. Им ветил дека ќе склучат купопродаежен договор, веднаш штом го платат данокот на имот. Договорите за капар ги потпишале, но без присуство на сопственикот на станот, од кого агентот имал потпис, кај ист адвокат.

Успеал само од капар од сите нив вкупно да наплати 32.000 евра. Ниската цена од 46 квадрати за 40.000 евра била причини парите да му ги дадат на рака.

Ваквата афера беше причина Слободен печат да побара одговор од професионални агенти за недвижности, со цел да видиме и разбереме како тече продажбата на стан преку агент. Тие реагираат дека се револтирани од „агентот измамник“ кој очигледно е самопрогласен агент за недвижности, бидејќи вакви агенти и слични на него ги уриваат угледот и чесноста на нивната професија кои ги градат со години.

Вики Димчевска, млада и успешна жена која 11 години работи во бизнисот со недвижности и чиешто основно мото е „Успехот е пат, а не крајна дестинација“, менаџер во секторот за маркетинг и продажба во Агенцијата за недвижности „Букефал АС“, чија дејност е продавање и изнајмување на недвижен имот (станбено-деловни објекти, плацеви, вили и индивидуални куќи, во разговор за Слободен печат вели дека не е фер некој див агент за недвижности да им го руши угледот на сите способни агенции за недвижности во Македонија.

– Не е фер некој што 11 години секојдневно работи вредно, чесно , со позитивна мисла и љубов и има гарантиран успех и углед помеѓу инвеститорите во градежниот сектор, да биде оцрнет од некој див агент за недвижности и истиот да им го руши угледот на сите способни агенции во Македонија. Ние 11 години градиме доверба кај клиентите, а сега се соочуваме со ситуација некој самопрогласен агент да ни ја руши таа доверба со 5 капари од 8.000 евра. Вредните и чесни луѓе треба да бидат наградени, а измамниците да се огласат и да одговараат пред правдата – вели револтирано Димчевска.

Таа посочува дека државата треба да ги заштити професионалните менџери и агенти за продажба од диви и нелиценцирани продавачи.

– Јас како агенција за недвижности предлагам да направиме здружение (комора) на сите агенциии за недвижности и само лиценцирани агенти да продаваат недвижност. Така ќе се заштитиме. Без никого да навредиме и повредиме сакам гласна иницијатива за да се заштитат вистинските агенции за недвижности и агенти – со комора и лиценци – додава Димчевска.

Младата и успешна менаџерка ни го објасни детално начинот на кој функционира агенцијата за недвижности „Букефал АС“, со цел граѓаните да бидат детално информирани и да знаат на што внимаваат при купување стан преку агент за недвижности.

– На нашата веб страница има опис на компанијата и агентите за недвижности. Сите недвижности, пред да се објават за продажба и изнајмување, ги проверуваме дали имаат чиста и уредна документација (документација за недвижниот имот бараме од продавачот ако е физичко лице, документација од инвеститорот како правен субјект). Сите недвижности имаат детален опис со слики, скици, локација, квадратен метар, цена. Купувачите и закупувачите откако ќе се јават на огласот за недвижноста што ја бараат, ние како агенти лично ги носиме на терен во недвижниот имот да го видат во живо. Агенциската провизија изнесува 2% од вкупната купопродажна цена (за продавање недвижност), за изнајмување 50% еднократно плаќа закупецот, 50% еднократно плаќа закуподавачот, еднаш на потпишување на договорот за закуп.

Доколку недвижноста им се допадне, следен чекор е договор помеѓу купувачот, продавачот и агенцијата за недвижности како медијатор помеѓу нив, со цел да ги дефинираме и прецизираме сите работи околу купопродажбата на станот и сите документи за недвижниот имот му ги доставуваме на меил или вибер на купувачот, за тој сам да си провери во катастар дали е се во ред со станот. Ако се купува недвижност од продавач (физичко лице), а купувачот зема станбен кредит од банка: Се потпишува преддоговор за купопродажба на недвижен имот, тој преддоговор го составува адвокат по избор на купувачот, истиот се заверува на нотар (и тогаш купувачот се прибележува во катастар дека тој го купува станот – за да нема дупли продажби ). Со тој договор купувачот аплицира во банката од која ќе подигне кредит, а банката откако ќе го одобри кредитот, сите пари ги префрла на продавачот. Ние нашите клиенти ги советуваме учеството за станот да не го уплаќаат на продавачот додека банката не го одобри кредитот, односно, учеството да биде на сметка на купувачот се додека не се одобри кредитот.

Откако ќе се заврши процедурата со кредитот, се прави главен купопродажен договор – тој договор се носи во Град Скопје (оделение за данок на пренос на имот барака 16 ) и Град Скопје изготвува решение за плаќање на данокот. Откако данокот ќе биде платен се прави СОЛЕМЕНИЗАЦИЈА (нотарски акт на главниот купопродажен договор и излегува имотен лист на купувачот).

Истата процедура е и со инвеститорите. Ако се купува стан во изградба, купувачот се прибележува во листот за предбележување на градба (предимотен лист ) и тука автоматски и станот и купувачот се безбедни. Ако станот се купува дирекно од инвеститор, купувачите не плаќаат 3% данок на пренос во Град Скопје. Ако недвижниот имот се купува со исплата на цела купопродажна цена и ако недвижниот имот има чист имотен лист (без никаков товар , хипотека и слично ) се прави главен купопродажен договор составен од адвокат по избор на купувачот. Се носи во Град Скопје, се плаќа данокот на пренос и после се солеменизира договорот – ни објаснува Димчевска.

Вики Димчевска е добитник на многу признанија и благодарници, меѓу кои Признание за најдобар агент за недвижности за 2020-та година – во време на пандемија, доделено од инвеститорите во градежниот сектор.

Таа има голем придонес и во хуманитарните активности во земјава. Димчевска е амбасадор за човекови права и хуманитарни активности во Р.С.Македонија за 2020/2021 година, прогласена од новинари за човекови права и Британската амбасада.

Агенцијата за недвижности „Букефал АС“ има склучено договори за соработка со 16 градежни компании и има ексклузивно право за продавање на нивните станбено-деловни објекти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот