„Вие бевте во пештери кога ние градевме цивилизација“ – Иранците жестоко му одговорија на Трамп
Неколкумина ирански дипломати го исмеаја американскиот претседател Доналд Трамп поради неговата закана дека ќе го бомбардира Иран и ќе го врати „во камено доба“, пренесе Тајмс од Индиа.
Препорачано
Поранешниот ирански министер за надворешни работи Џавад Зариф остро ги критикуваше „арогантните, неуки потомци“ на древните Европејци, очигледно алудирајќи на Трамп.
„Иран стоеше во срцето на колевката на цивилизацијата додека вашите предци во Европа, бидејќи САД тогаш ни не постоеше на картата, сѐ уште беа во камено доба – бојадисуваа лица и мавтаа со стапови“, објави Зариф на социјалната мрежа Икс.
„Ние подучувавме ред, закон и умешност на владеење. Штета што ништо од тоа не допрело до некои арогантни и неуки потомци“.
Возвратија и амбасадата и мисијата при ОН
Претходно, иранската амбасада во Јужна Африка објави:
„Додека вие сѐ уште бевте во пештери и баравте сигурност, ние ги запишувавме човековите права на Кировиот цилиндaр“.
Со тоа се повикаа на 2.600 години стар артефакт кој бележи како персискиот крал Кир го освоил Вавилон во 539 година пред нашата ера.
Иранската мисија при Обединетите нации, пак, изјави дека иранската цивилизација „опфаќа повеќе од 7.000 години, додека Соединетите Американски Држави се стари едвај 250 години“.
Остри осуди на заканите на Трамп
Трамп во последните денови користеше сѐ поостар јазик за да ги опише американско-израелските воени напади врз Иран. Во средата се закани дека ќе ја бомбардира земјата и ќе ја врати „во камено доба“, а ден подоцна предупреди дека „ќе следи многу повеќе“ доколку Техеран не се согласи да ги запре одмаздничките напади во регионот.
Аналитичари и борци за човекови права ја осудија ваквата реторика како „расистичка“ и „дехуманизирачка“.
„Изјавата дека Иранците треба да се бомбардираат ‘назад во камено доба каде и припаѓаат’ е антимуслиманска, расистичка и дехуманизирачка, а таргетирањето на цивилна инфраструктура е воен злостор“, соопшти Советот за американско-исламски односи, најголемата муслиманска организација за граѓански права и застапување во САД.


