ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Земон: Македонија беше таргет на остра моќ од други држави
Зборувајќи за примери на таканаречена мека и остра моќ на одредени држави, директорот на Центарот за напредни истражувања Рубин Земон посочи дека земјите од Западен Балкан, а секако и Македонија почесто се таргет на мека и остра моќ од други држaви.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Македонија изминатите години беше една од земјите која беше таргет на острата моќ, а таа остра моќ оди преку ботовите на интернет, нападите врз идентитетот, се сеќавате имавме и масовни лажни дојави за бомби по училишта и тоа се само дел од методите на острата моќ со цел да се внесе несигурност кај народот, да се покаже дека власта или институциите не се способни да се справат со кризите,“ посочи Земон.
Тој истакна дека Македонија како мала држава нема методологија и стратегија да врши политички и економски влијанија надвор ниту преку мека ниту преку остра моќ, но сепак имаме потенцијал да се промовира културно.
„Имаме некакви никулци на такво влијание преку нашите културни центри што ги имаме во регионот, каде ја промовираме нашата култура, но и преку катедрите што ги отвораме по македонски јазик. Македонската музика е исто така на некој начин мека моќ, но факт е дека како држава многу малку вложуваме во стратегија за прoмоција на нашите културни вредности. Прашање е колку сето тоа го спроведуваме стратешки, можеби земјите околу нас се подобро организирани. Но факт е дека и меката и острата моќ постојат, а ние сме многу малку свесни за тоа“, заклучи Земон.
Зборувајќи за традиционализмот и глобализацијата, директорот на Центарот за напредни истражувања во студиото на „Слободен печат“ посочи дека од почетокот на индустријализацијата па се` до новите технологии постои силно влијание врз традиоционалните културни вредности.
„Културата е доста дијалектична, променлива. Опстојуваат тие традиционални вредности кои се витални за општеството и коишто можат да се прилагодат во современоста, оние што не можат да се прилагодат, самите ќе „паднат“. Стратегијата за зачувување на традиционалните вредности е како тие вредности да се прилагодат на современоста и така да опстанат. И затоа во светот денеска има голем број на културни вредности што повеќе ги нема, ни има и такви кои се` уште постојат, но треба да се напомене дека меѓу тие што опстанале има и такви кои се негативни, поготово меѓу тие секташки здруженија кои се затвораат и кои прават и одредени криминални дејности“, истакна Земон.
Затоа, додаде тој е важно да сфатиме дека постои таканаречена мека моќ на ширење на културните вредности на едно општество и затоа ние потребна поширока стратегија како македонската култура ќе ја промовираме надвор од државата.
Целото интеррвју со Рубин Земон погледнете го во продолжение:


