
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Васко Наумовски: Зближување со САД преку енергетиката, дигитализацијата и автомобилската индустрија
Староновиот претседател Доналд Трамп веднаш се впушти во потпишување т.н. извршни наредби и тој преку тие акти во суштина сака веднаш да премине во реализација на предизборните ветувања. Очекувањата од оваа администрација и од неговиот втор мандат се навистина големи во сите области. Во однос на Македонија, доколку би можеле да бараме некакви можности за продлабочување на соработката со САД и некаква американска поддршка тука, сметам дека таа би била во една поширока слика односно преку поддршка за стабилизација на регионот на Балкан во ЕУ, од што ние би имале корист. Енергетиката, дигитализацијата и автомобилската индустрија се секторите во кои Македонија би можела да се зближи со новата администрација на САД со чело на Трамп, вели поранешниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Инвестициите што се најавуваат и се одвиваат во регионот, а би дошле од САД, главно се во областа на недвижностите и во оној туристички сектор во Албанија, но и во Србија. Не би исклучил и инвестиции во регионот од страна на САД во енергетиката, но и онаму каде што имаме основа. Да не заборавиме дека во изминатата деценија и повеќе имавме поголем број американски инвестиции во автомобилскиот сектор, односно американски компании што се занимаваа со вакви дејности инвестираа кај нас што беше и сè уште е придобивка за нашата економија. Сметам дека можат да се засилат контактите таму, како и во некои други области како дигитализацијата каде што дополнително можат да се искористат нашите релации што ги имаме со поединци на македонската дијаспора, кои времено имаат и добри релации со претседателската администрација – оценува Наумовски.
Во однос на посетата на македонскиот државен врв на Вашингтон за време на инаугурација на Трамп, професорот Наумовски вели дека секој контакт во дипломатијата е подигање на меѓународната позиција на земјата.
– Секој контакт и секоја постапка, политика на раководство на една партија која има за цел да ги подобри билатералните односи е за поздравување. Сите тие официјални или неофицијални средби што се одржуваат особено на ваков настан како што е инаугурација на нов американски претседател можат да допринесат за подобрување на билатералните односи. Македонската влада веќе имаше воспоставено релации и пред одржувањето на изборите и сметам дека тие контакти можат само да придонесат на подобрување на билатералните односи и искористување на потенцијалот што според мене повеќе треба да се бара во економската и трговската сфера – оценува Наумовски.
Според поранешниот амбасадор во САД, иако извршните одредби претставуваат дел од дискреционите права на американскиот претседател, сепак тие морат да бидат во согласност со Уставот и правната рамка и да подложат на определена контрола. Понатаму, според Наумовски, доколку се утврди дека има извршни најави што не се во согласност со овие прописи, тие нема да можат да бидат спроведени на дело.
– Сепак, сметам дека оние неколку десетици извршни одлуки што веќе на првиот ден ги потпиша претседателот Трамп, ќе бидат наменети да направат јасна разлика со неговиот претходник и да покажат во кој правец ќе се движи неговата политика во наредните четири години – заклучува Наумовски.
Повеќе од интервјуто со професорот Васко Наумовски во видеото погоре.