Ирина Тошева, модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тошева: Отвораме работилница за шиење за жените во затворот „Идризово“

Модната дизајнерка Ирина Тошева е позната не само по своите креативни и иновативни колекции, туку и по својата ангажираност во различни социјални проекти кои ја користат модата. Во интервју за „Слободен печат“ Тошева ја запознавме не само како модна дизајнерка, туку, и како жена која има сила за општествени промени.

Тошева редовно соработува со разни невладини организации и отвора дебати за важни социјални теми, вклучувајќи ги маргинализираните групи и создавајќи модни проекти што ги обединуваат уметниците, занаетчиите и локалните индустрии.

– Бев во дел со невладиниот сектор додека студирав и тоа ми помогна да ја гледам модата низ некоја друга призма, да покажам дека таа не е само убави фустанчиња за свечености, туку дека можам да направам нешто многу повеќе – вели Тошева.

Ирина Тошева, модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во својата последна иницијатива, таа потпиша договор за соработка со женското одделение на Казнено-поправната установа „Идризово“, каде што ќе организира обуки за шиење.
Овие обуки ќе им помогнат на осуденичките да стекнат нови вештини, кои ќе им бидат од голема корист во нивната ресоцијализација по издржувањето на казната, со цел да ги подготват за животот по излегувањето од затворот.

– Сакајќи да направам нешто добро во општеството, потпишавме меморандум за соработка со женското одделение во Казнено-поправната установа „Идризово“ каде што започнуваме една иницијатива со надеж дека ќе прерасне во голем проект, а покрај проект ќе прерасне и во социјално претпријатие. Во моментов ги собираме донациите да направиме една работилница за шиење таму, каде што осудените лица од ова одделение ќе можат да учат да шијат и да везат – објаснува таа.

Договор-К.П.У. „Идризово“Фото: Ирина Тошева
Договор-К.П.У. „Идризово“Фото: Ирина Тошева

Тошева своето образование го започнaла на Академија Италијана во Скопје, а го продолжила во Фиренца, каде што работела на многубројни проекти и учествува во престижни настани како што е саемот „Pitti Imagine Filatti“. Во 2012 година, со својата колекција за пролет/лето дебитира на Модната недела во Скопје и почнува да ја гради својата кариера како водечки дизајнер. Ирина активно учествува во промовирањето одржливи и инклузивни практики во модната индустрија.

Ирина Тошева, модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нејзината главна инспирација е Македонија и нејзиното културно наследство за кое има направено колекција со принтови во соработка со графички дизајнери. Архитекти и уметници. Таа исто така има колекција во соработка со дизајнерка на накит каде во нејзината колекција се вметнати камчиња од Охридско езеро, обложени со сребро.

-Се трудам да покажам дека имаме навистина голема историја, имаме многу убави работи за кои, за жал, нема некаков простор, не се доволно истражени, недоволно се зборува. Многу ме интересираат и занаетите кои, за жал, се во изумирање, па сакам да им дадам и ним некоја видливост. Имам и колекција со последниот јорганџија во Чаршија – раскажува Тошева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот