ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стефани Тодорова, кикбоксерка: Сакам да бидам прва во Европа, тоа ми беше целта

Стефани Тодорова - кикбоксерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кикбоксот е спорт кој комбинира елементи од бокс и различни боречки вештини, создавајќи интензивен и динамичен начин на тренинг кој развива не само физичка сила, туку и ментална цврстина.

Во серијалот на „Слободен печат“ зборувавме со Стефани Тодорова, третата најдобра кикбоксерка во светот, посветена мајка и мотивациски лидер.

Со својата посветеност и храброст, таа за вовед во интервјуто кое повеќе го насочивме кон жените, ни објасни дека оваа дисциплина не е само за мажи, туку и за жени кои сакаат да ја истражат својата физичка и ментална сила.

Нејзината приказна со спортот започнала кога имала четири години со гимнастика.
Веќе две години професионално тренира кикбокс и докажува дека една жена може да верува во себе и да стане трета кикбоксерка во светот, што е уште поголем резултат кој самата пред себе си го поставила како предизвик, и општо и на светски рангови.

– Го сменив спортот, пробав кикбокс, на вториот тренинг излегов и реков: „Сакам да бидам прва во Европа“. Тоа ми беше целта – вели Тодорова за „Слободен печат“.

Стефани Тодорова – кикбоксерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Како тренер и мотивациски лидер, таа ги охрабрува жените да се надминат себеси, да ги прекинат стереотипите и да ги освојат своите цели.

– Интересот кај жените за овој спорт, и по резултати, и општо како интерес, опстојува на многу високо ниво, што кај мене, како жена, претставува огромно задоволство – oбјаснува Тодорова.

Секој тренинг и натпревар претставуваат тест на личните граници и сила на волјата која ќе резултира со здраво тело и здрав дух.

– И што е најважно, ќе имаме здрава нација,  здрави жени, девојки, кои понатаму ќе бидат уште посилни и похрабри мајки – вели Тодорова за „Слободен печат“.

Нејзината идна цел е да работи со деца со посебни потреби, особено со самоохрани мајки, кои се соочуваат со предизвици на многу фронтови.

– Едно нешто што ми е моментално цел во понатамошниот период е да работам со деца кои навистина имаат потреба од тоа. Со самохрани мајки, коишто навистина не можат и да работат и да внимаваат на детето, и на физичкиот раст, и на психичкиот раст – објаснува таа.

Стефани Тодорова – кикбоксерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Стефани ни раскажа дека повеќето луѓе и жени го перципираат кикбоксот како агресивен. А таа ни го докажува обратното. Интервјуто за „Слободен печат“ го заврши со една мотивациска порака која вели:

– Ако вежбаш, ако се надградуваш, учиш секојдневно. А тоа е можно само ако се сакаш себеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот