Синиша Наумоски/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Синиша Наумоски: Крајот на војната во Украина би донел економски напредок и во Македонија

Енергенсите би оделе надолу. Надворешните притисоци на инфлаторните движења ќе олабават. Самото запирањето на војната во Украина, значи и насочувањето на интересот на европските и американските држави во тамошно инвестирање. Македонија треба да најде начин како да биде подизведувач во градењето, анализира Наумоски

На Аљаска на маса седнаа американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, а потоа во Вашингтон, Трамп имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Војнта во Украина од самиот почеток предизвикува глобални економски потреси, и тие помалку или повеќе стигнуваат во дворот на секоја национална економија. Очекувањата се да се постигне мировен договор, а тој индиректно ќе има позитивно влијание и врз Македонија, вели во разговор за „Слободен печат“, Синиша Наумоски, универзитетски професор. Тој прогнозира поповолни економски случувања и кај нашиот најголем економски партнер – Германија, но предупредува на потребата од диверзификација на пазарите.

Откако седнаа на маса Путин и Трамп веднаш позитивно реагираа безрите.

-Самото седнување на маса привидно значи подобрување на пазарот, но стабилизација на меѓународните финансиски пазари се очекува кога ќе се склучи договор. Со оглед на зголемената предвидливост за овој договор, може да се каже дека е сега добро да се инвестира на пазарот на капитал, затоа што ќе има стабилизација, или зголемување на вредноста – вели Наумоски.

Тој потсетува дека нашата економската размена преку 80 проценти е со Европската унија, па така клучното прашање е што се очекува таму, особено во Германија.

-Енергенсите би оделе надолу. Надворешните притисоци на инфлаторните движења ќе олабават. Самото запирањето на војната во Украина, значи и насочувањето на интересот на европските и американските држави во тамошно инвестирање. Македонија тука треба да го најде својот интерес преку подизведувачи во изградбата на Украина – вели Наумоски.

Германија беше најпогодена од кризата

Трговската размена на Македонија со Германија во првите 6 месеци била 2 милијарди од кои 1,5 милијарди се наш извоз во оваа европска држава. Но, сепак податоците покажуваат дека има пад на извозот за 9,4 проценти во однос на првото полугоодие од лани. Наумоски објаснува дека германската економија се најде најпогодена од оваа криза, но оптимистички гледа на идните тамошни движења.

– Во Германија е една петтина од нашиот вкупен извоз. Јас од 2015 година соработувам со Хајделберг универзитетот и често патувам во Германија и може да кажам дека сега Германија е непрепознатлива во однос на стратешкото планирање. Реално, во геополитичките превирања Германија ја плати највисоката цена, затоа што ја загуби основата формирана на ниската цена на енергенсите. Германија е сега во една фаза на стабилизирање, но со зачестени ризици од појава на неонацистичките партии. Германија се трансформира во зелена економија, но тоа не е лесно. Годинава се очекува тамошен раст од 0,8 до 1 процент и тој силно ќе влијае на Македонија. Но, идните очекувања се дека Германија ќе ја засили својата економска активност – вели Наумоски, но потенцира дека сепак, добро е што го „диверзифицираме портфолиото на пријателства“.

Поскапо ќе се задолжуваме

Сите турбуленции во изминатиов период го билдаа нашиот надворешниот долг. Македонија во наредната година планира да издаде еврообврзница од 950 милиони евра, што е очекувано со оглед на долговите што стигнуваат за наплата. Но, според очекувањата, новите долгови ќе бидат со повисоки камати.

-Глобалниот долг во првиот квартал од 2025 година достигна историски максимум од над 324 трилиони долари. Тоа значи дека светот расте три пати повеќе отколку што е реалниот економски раст. Односно ако растот на глобалната економија е 120 илјади милијарди, долгот е над 320 илјади милијарди. Оттука заклучокот е едноставен: Глобалниот свет расте со задолжување, и ние тој тренд, како македонска економија не можеме да го одбегнеме. И во иднина ќе имаме ваква состојба – раст поттикнат од долгови, а не од раст на продуктивност. Тоа ќе алудира на поскапа цена на капиталот. Ако цената на еврообврзницата во 2020, или 2021 година била 2-3 проценти, сега ќе биде 5-6 проценти и тоа се негативните импликации – вели професорот.

Спасот од поскапувањето на задолжувањето е поголем економски раст.

-Очекуваме подобра финансиска дисциплина и стабилизирање на капитални инвестиции. Економскиот раст е збир на поголем сет на мерки – вели Наумоски.

Во однос на домашното кредитирање, професорот не очекува намалување на основната каматна стапка, затоа што ние ги следиме трендовите на Европската централна банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот