Слободен печат - Радмила Пешева / Фото - Методи Здравев /
Радмила Пешева / Фото: Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Секој ден се вдомува по едно куче од улица, а инспекторите за седум години не казниле никого за напуштање миленик

Ќе се реши ли конечно проблемот со улични кучиња во Скопје? Колку улични кучиња во моментот има во улиците на главниот град? Дали има некакво решение за следна година? Почнаа ли да го плаќаат долгот општините коишто го имаат кон јавното претпријатие? Ова се само дел од прашањата на кои во утринската емисија „Слободен печат“ одговор ќе побараме утрово од првиот човек на „Лајка“ директорката Радмила Пешева.

– Лајка работи во континуитет најбрзо и најефективно досега од своето основање. Меѓутоа, морам да признаам, опсервираме една појава, и покрај тоа што ние сме многу присутни на улица, што имаме многу висок број на третирани кучиња. Целта е да го намалиме бројот на бездомни животни со стерилизација и кастрација, без непотребни стационирања, затоа што тоа е невозможно и неисплатливо, ако земеме предвид дека според наша процена Скопје има некаде меѓу 4.000 и 5.000 кучиња – вели Пешева.

Таа објаснува дека забележуваат една појава во континуитет, нови кучиња, цели глутници без маркици и кучиња нетипични за скопските средини. Има и пријавувања од граѓани, како се истовараат кучиња во центарот на градот од скопските општини, но и од внатрешноста на земјата.

– Центарот на градот е секогаш најпривлечен реон за миграција на кучиња. Кучињата одат каде што има луѓе, ресторани, пристап до смет, до извори на храна. Куче живее покрај човек и живее во урбана населба. Кај нас има стационирано меѓу 120 и 160 кучиња, тоа е нашиот максимален капацитет, од којшто половина е, да кажеме, импровизиран. Останува долгот од општините од 22 милиони денари кои не се исплатени од нивна страна – вели Пешева.

Парите им се потребни за медицински материјал, медицински препарати, храна за кучињата, плати.

– „Лајка“ троши пари на основна дејност, а голем издаток ни се адвокатските трошоци. Минатата година имаше преку 350 каснувања. Оваа година бројката е поголема, повеќе од 400 до крај на месец октомври. Нас нè застапуваат тројца адвокати, коишто за нас работат за минимална сума, меѓутоа тука се отштетите за каснувања кои ги плаќаме заедно со градот Скопје – вели Пешева.

Таа објаснува дека буџетот што го дава град Скопје е само за основната дејност. Што се однесува до вдомувањата, граѓаните се отворени да вдомат улично куче. До средината на декември вдомени се 367 кучиња.

Слободен печат - Радмила Пешева / Фото - Методи Здравев /

– Тоа е една четвртина од оние што сме ги заловиле и истретирале. Отприлика, околу 30 кучиња месечно, во просек. Значи, секој ден, практично, се вдомува по едно куче во државава – вели Пешева.

Таа објаснува дека мора да се направат законски измени, да се стави во фокус проблемот со уличните кучиња, да им се укаже на градоначалниците на скопските општини дека треба да се ангажираат, затоа што локалната самоуправа останува глува за овој проблем.

– Сметаме дека мора да има поголеми казни, мора да има поголема контрола на изворот на проблемот, дека мора да има многу подобри законски решенија кои ќе доведат до подобра контрола. Немаме контрола во трговијата со кучиња. Основно е да имаме одговорно сопствеништво на кучиња, одговорно чување на куче. Мора секоја општина да има попис на сопственици на кучиња и да си го решава построго проблемот – вели Пешева.

Таа објаснува дека има еден статистички податок што го направило едно здружение, дека нашите инспектори во просек во последните 7 години, немаат изречено ниту една казна за неодговорно чување на куче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот