ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. Ѓорѓи Спасов во „Политиканти“: Треба да почнеме да разговараме, па и за влада на широка коалиција

Проф. д-р Ѓорѓи Спасов во поткастот „Политиканти“/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Во гостувањето во поткастот „Политиканти“ на Слободен печат, универзитетскиот професор и дипломат Ѓорѓи Спасов се осврнува на својата колумна објавена пред неколку месеци во која нагласува дека престојните избори наликуваат на оние во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски победи на предвремените парламентарни избори. Само со повторувањето дека ние сме Европа, тоа ќе ја промени политичката сцена во Македонија, дека тоа нема да се случи, затоа што ВМРО-ДПМНЕ во оваа кампања настапува многу слично на она како што настапуваше Никола Груевски во 2006 година, вели проф. Спасов.

-Никола Груевски во 2006 година излезе со неколку тези – прво дека нема да ги земе „терористите“ на ДУИ во владата и водеше антиалбанска кампања постојано, потоа дека ќе се справи со големата корупција којашто ја направиле СДСМ и ДУИ за време на нивниот мандат и, трето, дека ќе ја оправи економијата во Македонија затоа што тој ќе обезбеди пари за сиромашните и за сите други итн. На таа кампања што ја водеше, дека тој дури и ќе ги стави под мораториум етничките прашања, дека нема да се занимава со предавства какви што во тоа време се обидува да ги направи СДСМ и ДУИ, и тој едноставно со таа кампања успеа да го мобилизира етничкото македонско гласачко тело, на една класична националистичка платформа којашто сега ја гледаме од страна на пропагандата на Мицкоски. И тогаш СДСМ веруваше дека е доволно со добиениот статус на кандидат за членство во Европска Унија ќе биде доволно мотивирачки за граѓаните, рече Спасов.

Според професорот Ѓорѓи Спасов ВМРО-ДПМНЕ води класична пропаганда на стравот од бугаризација, албанизација, губење на идентитетот и додава дека најдобриот начин за заштита на македонскиот национален идентитет е да се седне на заедничката европска маса.

-ВМРО води класична пропаганда на стравот којашто цело време, постојано, го плаши народот, ја убива неговата самодоверба, дека тој ќе се бугаризира, дека тој ќе албанизира. Од друга страна, истовремено води една друга пропаганда што е типична за сите десни политички партии, којашто е позната како пропаганда на таканаречениот суверенизам (6.53), која беше препознатлива со Брегзит, којашто одеше со паролата „Ние ќе си ја земеме контролата во нашите раце“, ние ќе си ја држиме контролата. Тоа значи дајте ни ја вие власта, па потоа ќе видите што ние со неа ќе правиме. Таа пропаганда на стравот којашто е комбинирана со истовремено закана со насилство, дека они ќе колат, ќе бесат, ќе судат итн. е многу препознатлива во меѓународните политички води, вели проф. Спасов.

Проф. д-р Ѓорѓи Спасов во поткастот „Политиканти“ со Сашо Орданоски и Борјан Јовановски/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Одговарајќи на прашањето за евентуалниот исход на престојните парламентарни избори, со оглед на тоа што анкетите покажуваат повеќето од граѓаните молчат, Спасов нагласи дека анкетите не се сосема релевантни бидејќи има многу гласачи кои гласаат против или не излегуваат на избори.

-Има меѓу нив скриени гласови коишто не се определени во овој момент, кои дополнително чекаат да видат што ќе биде за која партија ќе се одлучат да гласаат. Еден дел од гласачите одат со победникот. До последен момент чекаат да видат кој ќе победи па за него да одлучат да гласаат. Бидејќи секогаш мислат дека е подобро да се биде со победникот во позиција по изборите. Еден дел од гласачите чекаат од други причини, да видат каде ќе се најдат во целата таа ситуација и несомнено има една маса на гласачи коишто не се определени многу време пред изборите туку чекаат на неколку месеци или неколку дена пред изборите да решат за кого да гласаат. И дали ќе излезат на гласање и дали воопшто ќе гласаат за некого, нагласува проф. Спасов.

Тој во интервјуто во поткастот „Политиканти“ се осврнува и на помалите политички и новоформирани партии од македонскиот и од албанскиот корупус кои претендираат на гласовите од традиционалните поголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според него Левица и ЗНАМ нема да бидат влијателни за ВМРО-ДПМНЕ да формира влада без партија на Албанците

-Мислам дека Левица на последните локални избори освои околу 50 илјади гласови и мислам дека го имаат постигнато максимумот. Прашање е дали ќе може да освојат повеќе од 2-3 пратенички места, исто како и партијата на Максим Димитриевски. Не мислам дека овие партии ќе бидат одлучувачки за следната влада, но реално она што можат да го соберат околу себе ќе го соберат. Така што мислам дека се мали или никакви шансите на ВМРО да формира влада без ниту една партија на Албанците, вели проф. Спасов.

Проф. д-р Ѓорѓи Спасов во поткастот „Политиканти“/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Според професорот влада на широка коалиција на извесен период е неопходна за да се стабилизира патот на Македонија кон ЕУ.

-Во колку земји се прават влади на широка коалиција? И во Бугарија, и во Германија. Влади на широка коалиција се прават за да може да се протуркаат некои проекти кои се од широка релевантност за државата. Ние постојано се мразиме едни со други. Велат, има две слични партии кои не можат да се поднесат. Ние сè уште имаме политички партии кои комотно може да се наречат султан-партии, во коишто постои малку демократичност, голема хиерархиска подреденост и лидери, кои ако не се спремни да разговараат тогаш станува многу трагично. Влада на широка коалиција за Македонија на извесен период ќе биде нешто што ќе биде неопходно за да може да се исчекори и за да може да се стабилизира целиот тој пат на Македонија кон ЕУ. За да се направи таква влада таа треба примарно да се согласи на промена на Уставот, смета проф. Спасов.

На прашањето на Јовановски дали има начин од Бугарија да се добие некоја концесија, како на пример имплементација на пресудите од Стразбур на што ВМРО-ДПМНЕ инсистира, проф. Спасов е дециден во Бугарија со изборот на претседателот Румен Радев и таму ситуацијата е многу деликатна.

-Бугарија е членка на ЕУ и таа во сопственото однесување, независно колку егоистично се однесува во проблемот со Македонија, сепак ќе чита некои пораки коишто ќе ги добие од своите европски партнери. Па дури и од САД. Ние мораме политичката сцена да ја гледаме малку пошироко. Ако ние го промениме Уставот и седнеме на маса да разговараме за понатамошниот тек на нашето членство во ЕУ, ние на масата нема да разговараме само со Бугарија, на таа маса ќе бидат сите членки на ЕУ кои ќе кажат: „Чекајте, ова не може така“. Практично заштитата на македонскиот национален идентитет ќе биде во функција и ќе биде поддржано од европските сили. И тоа е поентата што Мицкоски порано или подоцна ќе ја сфати. Ќе го изигра ова како игра за изборите, ќе види што ќе направи и како ќе направи, дали ќе формира влада или нема да формира влада. Ако не формира влада, нему може да му се случи партијата однатре да му се распадне, а неговата лидерска позиција ќе биде доведена под прашање, вели проф. Спасов и додава дека во таа политичка партија постојат многу сериозни луѓе кои различно размислуваат од Мицкоски.

Целото интервју со проф. д-р Ѓорѓи Спасов во поткастот „Политиканти“ погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот