ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Перо Гуртна е обичен смртник од нашето секојдневие, вели Жарко Јовановиќ
Од Никола Груевски, Стојанче Ангелов, Зоран Заев, Александар Вучиќ, Кили, Апасиев … до Перо Гуртна! Кој е Перо Гуртна? Се работи за средовечен кумановец, таксист кој „завршил два факултети“ во Струга, пробал да работи неколку професии меѓу кои и новинарство, но најдобро се снашол како таксист. Ова е краток опис за новиот лик со кој кралот на имитациите, актерот Жарко Јовановиќ, го најавува новиот стендап „Слушај другаре“.
Со неговото гостување во нашата програма имавме прилика да се запзонаеме со Перо лично и одлично се забавувавме. Со овој стендап Јовановиќ најавува турнеја во повеќе градови низ државава.
Нема крај за имитациите, нагласува Јовановиќ, и додава дека дури и со овој нов лик тој продолжува да имитира, само што не се работи за јавна личност, туку за реален граѓанин.
– Јас и сега имитирам, само овојпат еден мал човек, обичен смртник. Перо е всушност вистински лик, таксист кого јас лично го познавам. Многу ми е интересно кога се трансформирам во негова кожа. Тој многу се разликува од она што сум јас, па забавно ми е како еден реален човек од внатрешноста се снаоѓа во големиот град, како се однесува и како се чувствува, што размислува. За многумина можеби ќе биде и смешен, но во суштина преку него сакам да испратам една силна порака дека и тој што е несфатен, не е ништо полош од другите – вели за „Слободен печат“ Јовановиќ.
Јовановиќ е вработен во кумановскиот театар. Во екот на сезоната кога треба најмногу да се играат претстави, поентира Јовановиќ, сега во зимскиот период, кумановскиот театар функционира на алтернативни сцени.
-Нема греење во театарот, тоа е сериозен проблем. Поради тоа се игра на нететараски сцени, мали простории и алтернативни места. Тоа создава притисок за еден професионален актер, бидејќи ни аматерски претстави не се одржуваат на такви места. Па така, во периодот кога треба најмногу да се изразуваме, ние се снаоѓаме со гостувања низ државата – рече тој.
Јовановиќ во најновата претстава што ја игра со неговиот колега од Чешка, има улога на актер кој е категоричен дека вештачката интелигенција не може да се снајде во театарскиот свет.
-ВИ можеби може да помогне во административниот дел, но не и во креативниот, да напише текст за претстава, сценарио, никако! Затоа и во претставата јас се чудам кој е тој ChatGPT, Кинез ли е што ли е?! И во еден момент велам, ако е толку добра, ајде нека дојде тука па и нека одглуми. Има доста комични моменти во оваа претстава – вели нашиот соговорник.
Доколку Жарко не работеше како актер, ќе беше на Малта каде што живеат неговите родители, но како што вели и таму ќе се занимаваше со глума, поточно со анимација на деца.