ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со Ѓоко Зафировски: Музиката никогаш не може да ни ја уништат!
„Ние орото го играме во круг“, вели за „Слободен печат“ Ѓоко Зафировски, објаснувајќи ја насловната фотографија, фрагмент од „Тешкото“, која се наоѓа на новиот албум на неговиот состав „Нема лабаво“, едноставно насловен „Памти па врати“. За сега е објавен во дигитален формат, додека грамофонска плоча ја чекаме во текот на следната година
Препорачано
Во пресрет на новиот албум на „Нема лабаво“ – „Памти па врати“, од неодамна во етерот е лансиран првиот сингл, кој го најави нивниот албум, веќе објавен на дигиталните платформи. Синглот „Земја нека ‘рти“ дефинитивно треба да стане нов македонски хит.
Албумот „Памти па врати“ го реализираа четири искусни музички креатори: Дени Крстев, продуцент, снимател, тапан и вокал („Фонија“, „Новиот почеток“, „Хахаха“, „Bernays Propaganda“, „My Тear“), потоа Филип Тасевски – Fitz, гитара и вокал („Новиот почеток“, „Blackstate“, „Astrolungs“, „Retro Cabaret“), Мирко Пејковски, бас гитара („Spank“, „Pumpers“, „Against them all“, „Промашена инвестиција“, „Brain Parasite“, „Небо“, „Sweet Rapscallions“) и Ѓоко Зафировски – Sean – вокал и гитара („Sidewalk“, „Фрагмент“, „Денитечува“, „Нема лабаво“).
Албумот беше снимен во студиото 1060 во периодот мај-август 2024-та, а следната година ќе биде објавен и како грамофонска плоча.
Доволно причини да разговараме со Ѓоко Зафировски…
– Мене и на моиве римски императори, или креатори – Фицикус, Мирчикус и Деникус, ќе ни биде драго луѓево да го прифатат албумот и да го слушаат. Таму има добри пораки и добра енергија. Јас малце сум излезен од тие текови, но се надевам дека албумот ќе го слушаат луѓево – вели Шон, објаснувајќи ја музиката на „Нема Лабаво“ како калифорниски панк-рок од 90-те, во понова продукција.
Албумот „Памти па врати“, го краси една преубава фотографија, фрагмент од „Тешкото“. Зафировски вели дека токму во тоа е симболиката…
– Не постои круг кој не се затворил. Ние орото го играме во круг. Тешкото е симбол за нешто што било предходно. Меѓуто, ние се фатифме сега во орово и ќе го изиграме до крај. Тоа е „Памти па врати“. Симболиката… – објаснува Ѓоко.
Се согласивме дека тоа е и асоцијација за денешно време. Песните кои се полни со симболика, и како такви ја носат пораката. Зафировски е комплетен автор на песните, музички и текстуално, а аранжманите се бендовски.

Трагајќи по инспирацијата Шон вели дека ја сфати суштината…
– Ние имаме овде еден тон на нерешливи проблеми, меѓутоа не гледаме сега песимистички. Да гледаме позитивно у сето ова. Сето тоа го преточив низ текстовите. Јас знам дека, како параметар на 200 километри, ова земја има многу проблеми. Знам! И ние во тој параметар ми е криво што сме доле, и сакам да идеме горе. Ама, за тоа треба сите заедно да работиме и сите заедно да се бориме. Ако сакаме чиста средина, сите заедно треба да се бориме. Ако сакаме името да го зачуваме, треба сите заедно да го зачуваме името. Ако сакаме да се бориме за идентитетот, треба сите заедно да се бориме. Тоа ми е пораката и тоа ми е најглавната поента во сето тоа. Музиката никогаш не може да ни ја уништат, сето останато можат! Песните ќе останат. И ќе се префрлаат од колено, на колено, на колено… – дециден е Зафировски.
Една од целите на „Нема Лабаво“ е следната година „Памти па врати“ да биде објавен на винил, и за тоа постојат речиси сигурни најави. Во меѓувреме сакаат што повеќе да свират.
Враќајќи се низ годините, се сеќаваме дека Ѓоко Зафировски беше дел од фантастичниот скопски состав „Денитечува“, кој најмногу го паметиме по хитот „Навивачка“. Бендот одамна не постои, но песните останаа…
– Имам една песна на овој албум „Барем песните ни се бесмртни“. Тоа е за сите бендови кои творат низ годините. Многу сакам да допре до што повеќе луѓе – објаснува Ѓоко.
Во меѓувреме Шон работи на песните за следниот албум. Вели дека ужива во креативниот процес.
– Бесценето е чувството кога нешто создаваш – кажа на крајот, заминувајќи да ѝ се посвети на својата нова музика.
Погледнете го спотот за песната „Земја нека рти“:


