ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мухамед Ибрахими и Бобан Мирковски: Не постои технологија, којашто некогаш би можела да го замени уметникот
На 10 декември, во 20 часот во малата сала на Филхармонија, ќе се одржи предновогодишен концерт кој ги обединува звуците на четворица исклучителни музичари, Мухамед Ибрахими, Бобан Мирковски, Ратко Даутовски и Фјола Исмаили. По тој повод во емисијата „Слободен печат“ гостуваа пијанистот Бобан Мирковски и гитаристот Мухамед Ибрахими.
Секогаш е задоволство да се видат и чујат врвни музичари на сцената. Тоа е налик креативен натпревар во кој се разменуваат искуства и енергии, кои секој од нив ги носи со себе на концертите. Овие музичари се пример за тоа, дека без оглед на тоа колку долго се познаваат, тие звучат одлично заедно, така дошле и до идејата да го направат овој камерен состав.
– Ние соработуваме веќе долги години, размислувавме дали секој да направи посебен концерт, па да имаме гости и така натаму, и некако спонтано дојдовме до идејата, зашто да не се споиме сите заедно и да направиме нешто ново. И така сосема спонтано, сосема случајно, се договоривме и резултатот е овој концерт – вели Бобан.
– Кога имате работа со врвни музичари, чувството е како да се познавате со години. Со Бобан Мирковски имаме настапувано токму во таа сала, каде ќе настапуваме на 10-ти и искуството е прекрасно. Ова ќе ни биде трет или четврти заеднички настап. Со Ратко Даутовски, долго време соработуваме, најмалку 10 години, а Фјола е исто така исклучителна челистка, и со неа сме свиреле, така што веќе се познаваме како музичари. Јас имам настапувано и сам, но исто така и со бенд. Чувството е поинакво, меѓутоа кога сте во бенд, особено ваков, сте малку послободни и можете да импровизирате. Мене тоа ми одговара, можеби понекогаш некој соучесник се изненадува, но јас сакам импровизација на концертите. Инаку јас сум поранешен гитарист на групата „Бла бла бла“, така што сум свирел во различни состави. Кога свириш соло имаш неограничена креативност, но мене ми одговараат и двете – вели Мухамед за неговото искуство на сцената.
Во време кога технологијата навлегува и во светот на уметноста, каде клучната улога ја игра уметникот, концертите се место каде с уште може да се почувствува магијата и душата на уметникот и за среќа, тоа, не може никој да го замени.
– За жал, состојбата не е добра, дури и на светско ниво, не само кај нас, со исклучок на САД, каде што цвета комерцијалната музика. Мислам дека, генерално, светот е во некоја уметничка криза. Особено поради тоа што сме преплавени со новосоздадени стилови на музика и тоа што вештачката интелигенција успеа да влезе и во светот на уметноста. Не знаеме каде ни е крајот, меѓутоа, јас тврдам, дека не постои технологија, којашто некогаш би можела да го замени уметникот како личност. Така што верувам дека и на тоа ќе му дојде крајот, кога луѓето ќе сфатат дека вештачката интелигенција е сепак само интелигенција, нема душа. Она што може човекот да го создаде со неговата уметничка душа, верувам дека технологијата никогаш нема да може да го постигне – вели Бобан.
– Јас се надевам дека секогаш ќе имаме искрена и реална публика, а не вештачка – додаде Мухамед.