ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мицов: „Не се прави добар парфем преку ноќ“
Стефан Мицов, создавач на брендот „Сцентов“, е роден и израснат во срцето на Скопје. Тоа што го издвојува Стефан е неговата енергија – смирен, фокусиран, но љубопитен. Дисциплината од тенисот ја пренел во лабораторијата за парфеми.
Препорачано
Основното образование го завршил во ОУ „Браќа Рибар“, а потоа се школувал во гимназиите „Орце Николов“ и „Михајло Пупин“. Но уште од деветгодишна возраст, се насочил на тенисот.
Патувал, настапувал на бројни турнири, стекнувал дисциплина и меѓународна перспектива, а подоцна добил спортска стипендија за колеџ во Портланд, САД.

По враќањето во Македонија станува државен шампион, член на националниот тим во Дејвис купот и денес е професионален тениски тренер, посветен на работа со млади таленти.
Неговата пасија за парфемите започнува токму за време на тие професионални патувања.
„На тие патувања користев сè повеќе парфеми. Посетував парфимерии и ‘дјути-фри’ продавници и почнав да истражувам од што се состојат и како функционираат“.

Преку форуми и заедници запознавал луѓе кои во домашни услови креираат сопствени мириси. Љубопитноста го водела кон онлајн курсеви и самостојно учење.
„Не се прави добар парфем преку ноќ. Треба време, тестирање и многу проби“, објаснува Мицов за „Слободен печат“.
Пред три години ги купил првите суровини и започнал да создава парфеми за себе и за блиските. Пред една година го формирал брендот „Sc3ntov“ – проект што го опишува како спој на дисциплина, трпение и уметност.

Своите први формули ги создавал со три до шест материјали, менувајќи ги односите за да види како влијаат на трајноста и проекцијата.
Интересно е што Мицов ни сподели и еден популарен мит.
„Да го ‘рестартираш’ носот со кафе – тоа е мит. Мирисот на кафе е сложен и само дополнително го оптоваруваш носот.“


