Марко Бислимовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Марко Бислимоски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марко Бислимоски: Цената на струјата е пониска и од производната, затоа мрежарината изгледа висока

Граѓаните ќе платат онолку колку што потрошиле, уверува Бислимоски и информира дека се одржани неколку состаноци со Електродистрибуција за да се избегнат непријатни ситуации какви што имаше минатата година. Според Бислимоски, РЕК Битола мора да работи додека да се направат гасни централи. Инсталираната моќност на фотоволтаичните централи е како две РЕК Битоли, но тоа не е стабилна енергија

Приближно 200.000 домаќинства сега имаат броила на далечинско отчитување и кај нив состојбата е кристално јасна, се прави пресек на потрошената струја по стара цена од минатата година, а од 1 јануари се пресметува по нова цена. За преостанатите броила (вкупно има околу 820.000 броила), Електродистрибуција работеше и на 31-ви и на први и на Божиќ за да може што поточно да пресмета и пресметковниот период да биде 30 дена. На потрошувачите им останува и ексклузивната можност сами да ја пријават состојбата на нивното броило, порачува претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски во интервју за „Слободен печат“.

Целото Видеоинтервју погледајте го во продолжение:

Според податоците од Регулаторната комисија, 65 отсто од домаќинствата влегуваат само во прв блок, каде што цената од 1 јануари се зголеми за 2,45 проценти, оние што влегуваат и во вториот се 21 отсто и за нив зголемување е 2,87 проценти и евтина струја поскапи за 2,5 проценти.

– Граѓаните ќе платат онолку колку што потрошиле. Во декември одржавме неколку состаноци со Електродистрибуција, со цел да се избегнат непријатни ситуации какви што имаше минатата година, особено во јануари и во февруари, кога до Регулаторната комисија пристигна од 900 до 1.000 жалби во однос на фактурите. На состаноците се договоривме да работат и за празниците со цел периодот на отчитување да не биде подолг од 31 дена, затоа што лани имаше ситуации кога беше и 35 и 36 дена и затоа одредени домаќинства имаа повисоки сметки за електрична енергија. Дополнително, во текот на февруари се распишува еден поголем тендер од страна на Електродистрибуција за набавка на броила кај домаќинствата со кои ќе може далечински да се отчитува. Така, во наредните четири-пет години сите домаќинства во Македонија ќе имаат броила со далечинско отчитување – вели Бислимоски и објаснува дека за тие броила домаќинствата нема да плаќаат директно, но индиректно тие се признаени како трошок во работењето на Електродистрибуција и влегуваат во цената на струјата.

Марко Бислимовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Марко Бислимоски со новинарката Весна Дамчевска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во однос на постојаните критики дека се добиваат сметки во кои цената на струјата е речиси еднаква на преносот, тој објаснува дека мрежарината секогаш ја имало во сметките, само сега е одделена.

– Физиката за електричната енергија е таква што кога ќе се произведе или увезе, таа мора да пројде низ преносна, односно низ дистрибутивна мрежа. Отсекогаш се плаќал тој трошок и за пренос и за дистрибуција. Но, пред три-четири години во Македонија тоа се издвои бидејќи имаше усогласување со Европското законодавство, а и во САД е издвоено колку се трошоците за мрежа, колку за купување електрична енергија. Колку потрошувачката, односно цената за струјата е повисока, тогаш соодносот со мрежарината опаѓа. И сега доколку ги анализираме потрошувачите што се на слободен пазар на електрична енергија, кои плаќаат една реална пазарна цена, секогаш трошокот за мрежарините се движи помеѓу 25-35 проценти во зависност од цената што била во тој месец – вели Бислимоски.

Цената по која струјата ја продава ЕСМ за домаќинствата е и под нејзината реална вредност, укажува Бислимоски.

– ЕСМ од старт работи со загуба, бидејќи најголем дел од своето производство го предава за домаќинствата, а тоа од старт е загуба од приближно 35 евра за мегават-час загуба. Да, ЕСМ е компанија што произведува електрична енергија, но треба да биде и компанија што купува и продава електрична енергија. Сите такви производни компании во регионот работат на таа основа. Така е во Србија, Хрватска и Словенија, а особено во европските земји. Зошто да произведува ако во некој момент може да купува поевтина струја? – прашува Бислимоски.

Тој вели дека РЕК Битола мора да постои додека не се изградат гасни централи затоа што мора да има базна енергија. Поради лошиот квалитет на јагленот, капацитетот на РЕК Битола не може да се искористи, односно се добиваат многу помалку мегавати во однос на инсталираната моќност. Всушност, анализира Бислимоски, сега состојбата е како еден блок на РЕК Битола да е затворен.

Обновливите извори на енергија веќе помагаат за подобри цени кај нас. Во последните четири години се изградени =1.200 мегавати, или како што вели Бислимоски, колку шест блока од РЕК Битола.

– Сега на Македонската берза, на МЕМО, цената е некаде од 100 до 130, или 150 евра за мегават- част. На унгарската ХУПЕКС овие неколку денови е помеѓу 250 и 300 евра за мегават-час, а на Српската берза е околу 200 евра. Голем дел од нашите снабдувачи веќе купуваат електрична енергија од фотоволтаиците во Македонија по цена што е поврзана со МЕМО, но и продаваат по цена што е поврзана со нашата Македонска берза. Така, имаме една привилегија да имаме пониска цена на Македонската берза во однос на другите берзи. Фјучерсите се доста осетливи и особено влијаат врз цената на природниот гас што доскоро беше од 27-28 евра за мегават-час, а од вчера имаме пораст на 30, па и 34 евра за мегават-час – вели Бислимоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот