
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Љуљзим Фаризи: Али им вели на Албаниците дека без ДУИ ќе ги протераат
Во сите општини со етнички мешано населенине, како Кичево, Струга, Дебар, Чаир, Гостивар, Тетово, ДУИ ќе нема шанса за победа на претстојните локалните избори, смета аналитичарот Љуљзим Фаризи, во интервјуто дадено за Слободен печат.
Препорачано
– Во сите овие општини ДУИ ќе биде поразен, доколку се разбира опстои владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Гледаме дека и СДСМ се дистанцираше од интегративците, па поразот ќе биде уште поголем. ДУИ има шанса единствено во монолитните албански средини, но и тука не сум сигурен колкав успех ќе постигнат. Може да се случи ДУИ на крајот да остане со една или две општини во кои оваа партија ќе оствари изборна победа – вели Фаризи.
Што се однесува до однесувањето на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој на социјалните мрежи пред неколку дена објави „воинствено видео“, Фаризи вели дека тоа не е ништо ново, но овој пат е поинаква реакцијата во јавноста.
– Постојат кратки видеа на интернетот во кој Али Ахмети се однесува воинствено. Имаше и едно видео во кое тој бара да му дадат меч. тоа е стара работа, ама преобјавувањето на социјалните мрежи предизвика голема реакција сега. Реториката на Ахмети кон албанските гласачи е едноставна. Тој им вели дека без ДУИ, Албанците во Македонија ќе бидат протерани – тврди Фаризи.
Аналитичарот ја поздравува борбата против организираниот криминал и корупцијата, но и самиот е свесен дека овие акции на полицијата и обвинителството нема да одат лесно.
– Повторно ни бегаат преку граница осомничените, но тука е евидентно дека некој ги известил предвремено дека ќе бидат апсени, па ти избегале во други држави. Сепак, мислам дека ќе се вратат. Конкретно за случајот на Артан Груби, дознав дека тој не поседува пасош на друга држава, па на тој начин да биде отежната неговата екстрадиција. Но, мислам дека тој кога тогаш ќе треба да стапи во контакт со семејството и во тој момент ќе се открие неговата адреса – вели Фаризи.
Фаризи е оптимист дека Владата ќе продолжи да ги гони криминалците и дека нема да сопре со досегашните акции.