ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Карло и Иван од „Занаду“: Убавината на музиката е кога е ослободена од жанровски ограничувања
Во новото видеоинтервју на „Слободен печат“ ви ги претставуваме Карло Јованоски и Иван Богдановски, двајца од четворицата членови кои стојат зад еден од највозбудливите нови бендови во Македонија, „Занаду“. Тие се дел од новата генерација што не бара дозвола да зборува, туку создава сцена самата за себе.
Препорачано
Формирани во Скопје во 2021 година, „Занаду“ функционираат како музички состав кои за цел ја има слободната мисла, жанровско истражување и културен и современ звук. Тие директно учествуваат во создавање на нова урбана естетика, надвор од жанрови и веќе видени клишеа.
Со деби албумот „Соништа“ и синглови како „Зборувај, замижи, побегни“, „Очи“ и „Не сакам“, бендот се позиционира како свежа и нова музичка струја во македонскиот етер. Нивниот звук е симбиоза помеѓу алтернативен рок, фанк, психоделија и нешто што сè уште нема име, но сигурно го чувствувате кога го слушате.
Со Карло и Иван зборувавме за нивната креативна енергија, за процесот на создавање музика, како и за нивната визија како млади музичари кај нас.
– Многу е подобро кога влегуваме на проба и сме ослободени од било какви жанровски ограничувања. Слободни сме како „Слободен печат“. И мислам дека тоа е убавината на музиката … Првиот албум целосна слобода, вториот малку по малку го пронаоѓаме звукот што ни се допаѓа и ја оформуваме нашата визија за тоа како треба да звучиме и мислам дека се повеќе и повеќе се стеснува кругот за тоа кои сме и што сме и се пронаоѓаме жанровски, текстуално, естетски – вели Карло.


