ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Христов: Ембриологот создава живот во процесот на ин витро
Колку од паровите во Македонија имаат проблем со неплодност? Светската статистика вели дека околу 15 проценти од сите парови во светот имаат проблем со неплодност. Од нив 40 проценти отпаѓаат на таканаречената машка неплодност, а 40 отсто на женска неплодност. Останатите 20 отсто се парови што имаат необјаснива неплодност или некомпатибилност. За неплодноста во земјава, за ин витро-фертилизацијата, но и за методите и начинот на лекување на неплодност, зборуваме со Даниела Христов, ембриолог од приватната болница „Аџибадем Систина.“
Препорачано
Ембриологот вели дека асистираната репродукција или инвитро-фертилизацијата претставува биомедицинско потпомогнато оплодување во случај кога пациентите се соочуваат со дијагнозата на неплодност.
– Инфертилитетот по дефиниција претставува една година неуспешност на парот да оствари здрава бременост, при овулација и незаштитен однос. Инвитро-фертилизацијата им помага на овие парови да се остварат за успешна бременост и всушност секој чекор во дијагнозата претставува одење кон самата цел. Чудо се случува со секој пар кога после една година неуспешност ќе станат родители со ин витро-фертилизација. Секој еден позитивен тест и родено бебенце е чудо – вели Христов.
Таа вели дека ако порано се сметало дека инферитилитетот е главно врзан со возраста на пациентката, бидејќи жената се раѓа со точно определен број јајце-клетки, кои со возраста на пациентката стареат. Сега возраста не е единствен проблем и сè почесто има помлади пациентки што се борат со неплодност.
– Јајце-клетките имаат можност за генетска нестабилност, грешки во самата генетика и токму тоа е најголемата причина за подоцнежната возраст на неуспешни бремености. Ако порано се сметаше дека е пресудна возраста на пациентката, колку е повозрасна пациентката, толку е помала шансата за успех, сега таа возрасна граница е многу намалена. Со новото темпо на живот, стрес, исхрана на пациентите, возрасната граница на пациентите што доаѓаат за инферитилитет е многу намалена и сè почесто помлади пациентки се решаваат на овој чекор – вели ембриологот.

Таа објаснува дека највозрасната пациентка е пациентка што станала мајка со донирани јајце клетки на 63 години, а најмладата пациентка, во зависност од дијагнозата, може да стане мајка со потпомогнато оплодување и на 18 години. Во однос на бројот на инвитро-фертилизации што можат да се направат во животот на една жена, ембриологот вели дека нема ограничување, но мора да се направи пауза од една до друга постапка за да може пациентката психолошки да се одмори од претходната постапка.
За улогата на ембриолозите во целиот процес вели дека тие се скриени во целата постапка, но се клучни бидејќи тие ги прават бебињата, создаваат живот со ин витро-фертилизацијата.
– Ние сме клучни во процесот на ин витро-фертилизација бидејќи ги правиме бебињата, ги култивираме, ги гледаме, ги оценуваме, ги враќаме назад во матката. Меѓутоа, нашиот контакт со пациентката е минимален. Разговараме за претходните обиди, ја правиме консултацијата за време на самата постапка, односно даваме информација за тоа како се развиваат ембрионите, колкав број јајце-клетки се добиени, најчесто телефонски, колку се оплодени и имаме контакт во моментот на трансфер на ембрионот во матката – вели Христов.
За донорската програма вели дека веќе не е табу-тема во Македонија и тоа е добро бидејќи за многу парови е за жал единствен начин за остварување на здрава бременост.
– Статистички, донорскиот програм има поголема успешност заради тоа што јајце-клетките доаѓаат од млади пациенти коишто веќе се остварени како мајки и од таа страна дава некаква гаранција на пациентката која ќе оди со донорска програма – вели ембриологот.

Замрзнувањето на јајце клетки објаснува дека за македонските жени веќе не е нешто непознато бидејќи се свесни дека сè подоцна стапуваат во брак, им стареат јајце-клетките и се решаваат да ги смрзнат за подоцна во животот кога ќе најдат партнер да се остварат како мајки.
На паровите им препорачува дека е многу битно секој пар што поминува низ процесот на инфертилитет, најважно е да признае дека има проблем, да не се чувствуваат сами и изолирани, да се свесни дека ова е проблем на денешницата.


