
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ѓоргоноски: Со брза игра, агресивна одбрана и трпение до победа против Катар
„Со агресивна одбрана, транзиција и трпение ќе го победиме Катар“, вели за „Слободен печат“ поранешниот ракометен репрезентативец Горан Ѓоргоноски кој добро знае како да се игра во Арената Вараждин каде што настапуваат нашите ракометари бидејќи во 2009-та година го носеше црвено-жолтиот дрес на ракометниот мундијал во Хрватска.
Препорачано
„Со Катар само со трпение. Катар е и искусна репрезентација но и престарена репрезентација со играчи на 37, 38, 39 години коишто биле сериозно квалитетни и играле на високо ниво. Тука се Бен Али, Жарко Марковиќ, Капоте… сите натурализирани Катарци. Исто треба да внимаваме и на Марзо кој со Холандија одигра одличен натпревар. Нашите ракометари, Катар нема да го добијат за 30 минути. Македонија ако го победи Катар, тоа ќе го направи во последната четвртина од натпреварот, од 45 минута па натаму. Треба да играме агресивно, тоа не им одговара на Капоте, Марзо и Жарко Марковиќ. Тие играчи не играат во лига како нашата, сите нивни репрезентативни играат во катарското првенство за разлика од нашите кои играат во нашата лига која е солидна, а имаат и нестапи во европските купови преку нашите клубови. Треба да форсираме транзиција, треба да трчаме по секоја цена и да не дозволиме духот да ни се скрши. И да губиме со еден, два, три гола ние можеме резултатски да ги стигнеме и да го добиеме натпреварот“, вели Ѓоргоноски.
На прашањето кој е најблиску до освојување на мундијат, Ѓоргоноски вели дека домаќинот Данска е најблиску до злато, а единствена репрезентација којашто може да се доближи до олимписките шампиони е репрезентацијата на Франција.
„Данска е фаворит број еден. Имаме чест да ја гледаме и да живееме во нејзино време. Ова е нешто специјално. Ова е селекција на која што не може да се најде слаба точка. Ова е селекција која игра како часовник и гази се пред себе. Покрај Данска, Франција е репрезентација која може да игра финале и единствена селекција која може да се носи со Данска, но сепак Данците се први фаворити. На овој мундијал одлично игра Португалија, Исланд, Египет ги совлада домаќините Хрватска и се одлична селекција. Шведска ја избришавме поради многу повредени играчи но изненадувачки имаат добри настапи на светското првенство. Хрватска е најнекреативна во последните 20 години и тешко дека ќе излезе од ваквата ситуација“, прогнозира поранешниот ракометен пивот.
Ѓоргоноски кој е голем ракометен фанатик е основач на проектот „Ракомет за секое дете“ и ракометен камп „40х20“ кој четврта година по ред се одржува на охридското крајбрежје. Ѓоргоноски вели дека целта на проектот е децата да ги внесат во сала и таму да останат избегнувајќи ги сите пороци коишто ги носи денешното време.
„Како човек којшто живее за ракометот и со ракометот со моите гостувања се обидувам да го промовирам ракометот најмногу кај најмладите, но и кај родителите на тие деца. Проектот „Ракомет за секое дете“ којшто постои четири години е најголем во државата. Брои околу 270 деца, момчиња и девојчиња на возраст од шест до 12 години. Ние сме во функција на хранење на скопските клубови со млади ракометари. Обуката ја поминуваат кај нас и влегуваат во пионерска селекција, машка или женска во други клубови. Минатата година 35 деца продолжија во различни клубови што ни е многу драго. Нашата порака до родителите не е дека ние произведуваме репрезентативци, ние сакаме децата да ги внесеме во сала и таму да останат. Важно е тие да се изградат како личности преку спортот. Годинава ќе го имаме четвртиот камп во Охрид, интернационален е. Минатата година имавме 15 деца надвор, Шведска, Србија… Децата се дружат, учат едни од други, се среќаваат со различни култури. Носиме тренери од странство кои работат во големи европски клубови од коишто нашите тренери учат нешто плус. Се трудиме во ова пеколно време, со сите занимации кои ги носи дигиталното време да ги внесеме децата во сала и нивниот интерес да го задржиме“, вели Ѓоргоноски.