Јорданка Маџоска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јорданка Маџоска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Маџоска: Секоја година во земјава се раѓаат околу 250 бебиња со срцеви мани

Секоја година во земјава се раѓаат околу 250 бебиња со срцеви мани. На светско ниво скоро 1,5 милион деца се раѓаат со вродени срцеви мани. Како се третираат, кога се оперираат и каква е грижата пред и по операцијата, зборуваме со доктор Јорданка Маџоска, специјалист по педијатрија од приватната болница „Аџибадем Систина“. Одделот за интензивна нега, освен  пациентите со вродена срцева мана, ги третираа и останатите педијатриски пациенти коишто се во животно загрозувачка состојба, без оглед дали се од хируршка или од нехируршка природа.

-Нашиот оддел е главно конструиран за пациентите со вродена срцева мана од доктори со кои работат на одделот како детски анестезиолози, педијатри, кардиолози, перфузионисти, обучен средномедицински кадар којшто особено е битен во целата приказна. И секако тука е техничката опременост бидејќи без техничката поддршка не може да се третираат ваквите пациенти – вели Маџоска.

Таа објаснува дека кога ќе примат пациент кој е предвремено роден или е новороденче, но и дете коешто е после првата година за третман, потребна е правилна дијагностика.

-Дијагностиката е особено битна, бидејќи е едноставна ако е срцева мана. Меѓутоа, ако е комплексна срцева мана, бара подготовка, дополнително знаење, подготовка за оперативен третман. Меѓутоа, овие пациенти што се со вродена срцева мана се раѓаат во голем процент со една срцева инсуфициенција, која побарува и поддршка од наша страна во одржување на дишните патишта, во одржување на срцевата функција – вели докторката.

Таа објаснува дека сите новороденчиња кои ќе се родат со вродени срцеви мани не побаруваат веднаш оперативен третман. Меѓутоа, кај 50 отсто од новороденчињата, ќе има потреба од реагирање веднаш, поставување на лекови коишто на некој начин ќе ги одржуваат во нормален живот и бараат побрз оперативен третман.

– Битно е кога ќе се родат ваквите пациенти со комплексни срцеви мани да се родат во центри каде што има интензивно лекување за вакви состојби. Тоа се светски протоколи што ги следиме во нашата болница. Бебето останува тука. Досега низ нашиот оддел се поминати околу 800 пациенти, околу 600 се оперирани, од тие половина и повеќе се новороденчиња – вели Маџоска.

Докторката објаснува дека има многу приказни и особено е среќна што има блиска соработка со родителите.

Јорданка Маџоска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јорданка Маџоска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Кога ќе ме праша некој за успешна приказна, секогаш велам има многу, но една ми текна во моментов за едно македонско семејство кое живее надвор од границите на Македонија. Доаѓаат да направат свадба во Македонија, околу триесет и трета гестациска недела е бремена мајката и почнува случајно породување. И покрај тоа што се раѓа предвремено родено детенце, се раѓа со вродена срцева мана, во случајот се работеше за коарктација на аорта, стеснување на големиот крвен сад, кај нас детенцето се прифати, успешно се оперираше, луѓето се вратија назад во Америка. Живеат во САД и го гледаме детенцето како успешно расте – вели Маџоска.

Најмалото бебе коешто било пациент на нејзината клиника е родено во 24-та гестациска недела со многу низок апгар.

-Девојчето е сега шестгодишно. Тоа беше родено под 1.000 гр, околу 780 грама. Навистина беше чудо на медицината како преживеа. Ние сме доста транспарентни, родителите ги доживуваме како сојузници и апсолутно сè што се случува со нивните деца го кажуваме. Навременото носење на детенцето на лекар игра огромна улога, затоа што многу е значајно дали порано ќе се започне третманот кај пациентите или подоцна – вели Маџоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот