Владимир Лозановски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Лозановски: Сѐ повеќе млади имаат камчиња во бубрезите, болката се споредува со породилна

Камчињата во бубрезите и уринарните инфекции стануваат сѐ почест проблем кај македонските граѓани, а лекарите предупредуваат дека алармантно расте бројот на млади пациенти кои бараат лекарска помош поради силни болки и компликации на уринарниот тракт. Во гостување во емисијата „Медицинско катче“, урологот Владимир Лозановски од „Аџибадем“ Систина вели дека уринарните инфекции и камчињата во бубрезите се меѓу најчестите заболувања кај населението. Причините најчесто се поврзани со современиот начин на живот, дехидратацијата и неправилната исхрана.

-Болестите на уринарниот тракт се подеднакво застапени и кај мажите и кај жените. Најчести се уринарните инфекции, а потоа следуваат камчињата во уринарниот тракт, кои можат да се појават во бубрегот или во мочниот меур- објаснува докторот.

Тој предупреди дека болката кај бубрежните камчиња е една од најсилните што човек може да ја почувствува.

-Пациентите често ги споредуваат болките со породилни болки. Тоа е силна и ненадејна болка која се јавува во слабините, а може да биде проследена со гадење, повраќање, треска, покачена температура и крв во урината – рече Лозановски.

Според него, најголем дел од пациентите поради интензитетот на болката веднаш завршуваат во ургентен центар, каде се прават анализи на крв и урина, како и ултразвучен преглед. Вели дека е тешко овие болки да се смират во домашни услови само со таблети. Потребни се брзи испитувања за да се утврди дали станува збор за камче или друга состојба на уринарниот тракт. Докторот посочи дека денес сѐ повеќе се користат современи минимално инвазивни методи за лекување, без потреба од класична операција. Во болницата каде што работи се применува флексибилна уретерореноскопија со ласерско дробење на камчињата.

-Се влегува преку природните отвори на телото, без резови. Камчето се дроби со ласер на ситни фрагменти кои подоцна пациентот ги исфрла природно. Пациентите најчесто остануваат само една вечер во болница и веќе следниот ден си заминуваат дома – објасни Лозановски.

Владимир Лозановски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој вели дека методата овозможува минимална траума на бубрегот и побрзо закрепнување, а целта е да се постигне максимална ефикасност со најмалку компликации. Пациентите по интервенцијата речиси и да немаат болки и многу лесно ја поднесуваат процедурата. Особено загрижува фактот што камчињата во бубрезите се појавуваат и кај деца. Лозановски откри дека најмладиот пациент третиран во болницата билo едногодишно девојче.

-Станува збор за дете со метаболно нарушување кое е склоно кон создавање камчиња – рече тој.

Според статистиките што ги сподели урологот, еден од десет луѓе во текот на животот ќе има проблем со камче во уринарниот тракт, а мажите се погодени трипати почесто од жените. Најчесто камчињата се јавуваат од третата до петтата деценија од животот. Брзиот начин на живот, лошата исхрана и недоволниот внес на течности се меѓу главните причини. Вели дека најдобрата превенција е редовната хидратација.

-Најважно е да се пијат 2,5 до 3 литри вода дневно. Не е важно дали водата е од чешма или купена. Важно е урината да биде светла, бидејќи темната урина е знак за дехидратација и ризик од создавање камчиња – советува докторот.

Освен камчињата, уринарните инфекции исто така можат да бидат опасни ако не се лекуваат навреме.

Владимир Лозановски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

-Често мокрење, печење, болка, непријатен мирис на урината и покачена температура се симптоми кои не смеат да се игнорираат. Во потешки случаи може да дојде до уросепса – сериозна и животозагрозувачка состојба – предупреди урологот.

Лекарот апелира граѓаните редовно да прават превентивни прегледи, особено мажите над 50 години, кај кои постои ризик и од карцином на простата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот