Слободен печат / Др- Милан Климкаров

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Климкаров: Метежот е секојдневна слика во Ургентниот центар, докторот одредува кој ќе биде прегледан прв

Како работи еден Ургентен центар при Клиничка болница? Која е улогата на докторите во Ургентниот центар? Колку пациенти дневно се прегледуваат? Кој го одредува приоритетот кој пациент ќе биде прв? На ова, меѓутоа и на многу други теми, утрово во емисијата „Слободен печат“ зборуваме со доктор Милан Климкаров од приватната болница Аџибадем-Систина.

Докторот вели дека Ургентниот центар претставува еден интегриран дел од клиничката болница Аџибадем- Систина, којшто се занимава со сите ургентни состојби на пациентите, дали од интернистички или од хируршки аспект.

-Како организациска структура Ургентниот центар можеме да го поделиме на педијатриски, каде што се опфатени најмладите пациенти на возраст до 17 години. Од 17 години па нагоре, се прифатени во адултниот ургентен центар, којшто исто така ги опфаќа и гинеколошките ургентни состојби. Бројот на прифатени пациенти варира, но можеме да кажеме дека има и сезонски карактер. Кога има некој наплив на сезонски вируси, како што и сезонскиот грип, знае да ги наполни нашите чекалници со пациенти коишто имаат одредена симптоматологија. Исто така, можеме да спомнеме дека бројката е варирачка и секогаш голема – вели Климкаров.

Докторот вели дека има ситуации кога ја користат и тријажната скала којашто е одобрена од Светска здравствена организација, според која се дава приоритет на пациентот којшто има итност во состојбата, односно симптоми коишто бараат реакција веднаш.

– Во рамки на Ургентниот центар, постои сала за реанимација. Тоа е простор каде што се внесуваат пациенти коишто имаат нарушени витални знаци. Тука спаѓаат нарушена свест, нарушено дишење, нарушена срцева работа. Ургентниот центар ни е непосредно поврзан со радиодиагностичките техники како компјутерска томографија, магнетна резонанца, за што побрзо и пофлуидно решавање на овие итни случаи – вели Климкаров.

Докторот вели дека по прегледот од лекарскиот тим во Ургентниот центар, се одредува во која насока ќе се движи лекувањето на пациентот. Прегледот трае петнаесетина минути.

– Како што напомнав, во зависност од состојбата и од тоа со какви витални параметри е донесен пациентот во Ургентниот центар, така и се пристапува. Од сала за реанимација до дневна болница и хоспитализација на трауматското одделение, интензивна нега и така натаму. Ако станува збор за сообраќајна незгода и МВР нема направено увид на лице место, лекарскиот тим е задолжен по службена должност да ги извести дека имаме примено лица со одреден тип на повреди, или хоспитализирани лица со одреден тип на повреди во нашата болница -вели Климкаров.

Освен сериозно заболени со видливи симптоми кои се потврдуваат, докторот вели дека има и такви коишто се хипохондрици.

– Тоа е таа група на луѓе коишто си поставуваат сомненија за својата здравствена состојба на база на различни работи и субјективни чувства, но ние сме отворени заедно со нив, да ги разрешиме тие дилеми по пат на лабораториски иследувања, рендгенолошки, радиолошки, какви било, чисто да ги убедиме дека сето тоа што се случува, е сепак некое субјективно чувство кое не е поврзано со некоја сериозна здравствена состојба – вели докторот.

Што е ургентна состојба? Кога е моментот да се отиде на лекар? Докторот вели дека ургентна состојба е секое акутно влошување на некоја здравствена состојба или на хронична здравствена состојба и секоја појава на некој невообичаен симптом.

– Пациентот кој има симптоми не треба да се двоуми. Нека дојде во Ургентниот центар за ние да го разрешиме тој момент, дали се работи за нешто тековно што го имаат или нешто што навистина има потреба од дополнителна дијагностика, па и третман – вели Климкаров.

Тој за претстојните празници препорачува умерена употреба на алкохол, ако се пие да се одбегнува управување со моторни возила под дејство на алкохол, а исто така и консумирањето на храна да биде умерено, затоа што секое претерување може да ги донесе во Ургентен центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот