Др. Биљана Јованоска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Биљана Јованоска / Фото Слободен печат / Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јованоска: Изберете негувател дома, наместо старски дом за вашите најблиски

Имате возрасно лице дома, а немате можност да го сместите во дом? Секој од нас барем еднаш во животот се судрил со проблем кога има пациент дома, меѓутоа не можел да му посвети доволно внимание. Од неодамна се нуди нова можност да се изнајмат негуватели на час. За целата идеја, меѓутоа и за тоа како функционира овој начин на изнајмување на негуватели, зборуваме со доктор Билјана Јовановска од приватната ординација „Халкмед“.

 

Докторката вели дека Здружението „Хом кеар дула“ функционира веќе извесно време, а идејата за негово формирање дошла од лично искуство.

– Идејата за да се реализира овој проект е чиста животна инспирација. Сè започна во моментот кога требаше да се грижам за баба ми и дедо ми, потоа се наложи потребата да се грижам за мојата мајка. И во исто време требаше да се грижам и за семејство, значи да придонесувам во своето семејство. Од една страна како лекар, од друга страна како роднина на тие луѓе кои имаат потреба од грижа. Се соочив со проблем да не можам да помогнам како блиска да се грижи за своите луѓе. Од друга страна, треба да се појавам на работно место, како лекар да им помогнам на другите луѓе. Тогаш сфатив дека како општество имаме потреба од вакво нешто – вели Јованоска.

Таа објаснува дека како лекар сфатила дека сè повеќе пациенти имаат еднократна потреба од лекар, меѓутоа понатаму згрижувањето барало услуга од Министерството за труд и социјала.

Така е формирано здружението „Хом кеар дула“ за поддршка на човекот како целина. Во моментов има вработено седум негуватели, а услугата која ја даваат се наплатува приватно.

-Цените се движат од 400 до 600 денари за час во зависност од тоа што треба да се направи. Во моментов се приватна социјална услуга, ја работат лиценцирани негуватели. Сите негуватели имаат поминато обука за негување на стари лица над 65 години. Има и друг тип на негуватели, меѓутоа конкретно лиценцата која ја поседува „Хом кеар дула“ се однесува на нега на стари лица над 65-годишна возраст. Имаме лиценца за цело Скопје – вели докторката.

Објаснува дека работно време на еден негувател е 8 часа. Може да се добие и нега од 24 часа, но вели дека тоа е многу е тешко изводливо, бидејќи се соочуваат со недостиг на негуватели.

– Може да се менуваат негуватели на 8 часа, нема некое конкретно ограничување од аспект на закон или нешто друго, сè зависи од тоа колку е потребно да биде згрижен тој што е краен корисник. И нормално, во соработка со семејството, да се кажат конкретни задолженија, дали треба да се смени памперс, да му се дадат лекови, односно сите технички работи кои не може сам да ги заврши – вели докторката.

Таа вели дека она што не треба да го мешаат корисниците е дека негувателот не е замена нити за медицински персонал, ниту замена за преглед, ниту пак замена за чистачка во станот или домот во кој живее старото лице.

– Негувателот помага при облекување и соблекување на крајниот корисник, пазарење, подготовка на храна, хранење, околу терапијата која ја прима. Генерално помага за сè што се однесува на личните потреби – вели докторката.

Др. Биљана Јованоска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Биљана Јованоска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Целта е и покрај негувателот дома корисниците да имаат консултација со лекар, доколку негувателот забележи некој здравствен проблем кај лицето за кое се грижи и затоа се нуди и услугата „Твој доктор дома“.

– Имаме договори со здравствени установи, односно со лекари. Кога негувателот ќе забележи дека лицето корисник има потреба од лекар, треба да сигнализира. Често пати се случува да дадеме инструкции, да се консултираме телефонски со лекар, меѓутоа, ако има потреба, му се кажува на семејството, дека се нотира покачен крвен притисок и покрај тоа што му е давана редовната терапија. Доколку лицето не може да излезе од домот, лекарот оди кај него дома и лицето добива лекарска грижа – вели Јованоска.

Во моментов има вработени две екипи кои освен во ординација ја нудат и услугата „Твој доктор дома“. Услугите коишто ги нудат се промена на катетер, оксиметрија, ЕКГ, но може да се земе и крвна слика која потоа се проследува во релевантна лабораторија.

-Останува комуникацијата додека не се добие дијагнозата. Додека не се добие дијагноза, ако треба пациентот треба да се консултира со интернист, се деаваат препораки, но се консултираат и специјалисти. Практично му даваме насока на пациентот каде треба да се обрати и што треба да направи негувателот- вели Јованоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот