Изабела Божиновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Изабела Божиновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Божиновска: Секој ден се дијагностицира барем по еден карцином на дојка

Колку е битна превенцијата, колку често треба да се оди на преглед, кои дијагностички процедури го дијагностицираат ракот на дојка и кога треба да се почне со самопреглед во розевиот месец октомври посветен на подигнување на свеста за рак на дојка, зборуваме со доктор Изабела Божиновска, радиолог од приватната болница „Аџибадем Систина“. Таа вели дека мора да се работи на превенција и рана детекција на карциномот на дојка.

– Одреден дел од пациентките се свесни и се грижат за сопственото здравје. Значи, закажуваат превентивни прегледи на време, не ги прескокнуваат, си прават самопреглед и се грижат за себе. Други пак не се јавиле на мамографија, не направиле превентивен преглед, доаѓаат на преглед во напреднати стадиуми на карцином, а тоа не треба да биде така. Се соочуваат со страв дека ќе им биде дијагностициран карцином, а не се информирани дека колку повеќе чекаат толку ракот ќе биде во понапредната фаза, а тоа значи покомплициран третман, полоша прогноза и понатаму полош квалитет на живот, за разлика од раната детекција, којашто им овозможува да го спасат својот живот-вели Божиновска.

Таа објаснува дека кога зборуваме за превенција, зборуваме за две дијагностички процедури, тоа е ехо на дојка и мамографија.

– Секоја жена треба да започне со превентивните прегледи, околу 30-тата година и тоа со ултразвук. И бремена жена и жена којашто дои може слободно да направи ултразвук. Препораките се да се прави еднаш годишно ултразвук, а некаде окој 36-та до 40-та година треба да се направи првата базична мамографија и после тоа истата се повторува на две години-вели докторката.

Изабела Божиновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Изабела Божиновска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа објаснува дека ова е препорака за асимптоматски пациенти, пациенти коишто треба редовно да прават прегледи и тоа е и целта, да се открие карциномот кај пациентот кога нема симптом. Самопрегледот треба да почне кај секоја девојка некаде околу 20-та година од животот. Доколку забележи некоја промена веднаш да направи консултација со лекар.

– За жал, секој ден имаме по некоја таква дијагноза, дијагностицираме карцином на дојка и тоа значи дека честотата е зголемена. Тоа е така на светско, на глобално ниво и ние сме во рамки на тие светски трендови. За жал, и возрасната граница е намалена. 19 години е најмладата пациентка кај којашто е детектиран карцином во нашата болница. Секоја нова промена во градите којашто ќе ја детектираат пациентите, треба да се јават на лекар и да проверат што е. Најголем дел од грутките се или лажни грутки, циста која е подвижна, не е фиксирана, но често станува збор за рак – вели докторката.

Таа објаснува дека карциноми се појавуваат и кога жената дои. Овде е малку специфична дијагностиката бидејќи често симптомите можат да се преклопат со симптомите на мастит.

– Ризик фактори, се генетската предиспозиција, доколку пациентот во фамилија има два или повеќе членови со карцином на дојка. Исто така, употребата на хормони, ин витро стимулациите, самото аерозагадување, немањето физичка активност, сите оние штетни работи што ги правиме влијаат на нашето здравје. Најбитна е превенцијата – вели докторката.

За карциномот на дојка кај мажите Божиновска вели дека е искочително редок, околу 1%, меѓутоа сепак може да се појави. За секоја грутка, секој симптом кој ќе го почувствува мажот, треба исто така да се појави на лекар и се прават истите дијагностички методи и процедури како што би се направиле кај жената, ехо и мамографија.

Изабела Божиновска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Изабела Божиновска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Најчесто тие грутки се липоми, атероми, гинекомастија, односно развивање на жлезден паренхим во машката дојка. Доколку има некаков проблем, треба да се посети доктор. На жените им препорачувам 365 дена да се зборува на оваа тема, за да се откорне стравот, да не се плашат од прегледот, да не го прескокнуваат, да не се плашат од мамографија. Прегледот не е болен, нема висока доза на зрачење, размислувањето – направив само ехо, уредно е, нема потреба да правам мамографија, не е правилно – вели Божиновска.

Рана детекција значи спасување живот, заклучува докторката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот