Бодан Арсовски - Музичар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бодан Арсовски - Музичар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бодан Арсовски: Со искуството кое го имаме точно знаеме што сака да слуша публиката во секој момент

Постојат имиња што не се само дел од нашата музичка историја, туку тие се таа историја. Едно од тие имиња е Бодан Арсовски, кој не е само басист. Тој е сведоштво и темел. Повеќе од четири децении, низ звукот на неговата бас-гитара тече звукот на една култура која се бореше да биде своја, иновативна, поинаква и непокорна. Како коосновач на легендарната група „Леб и сол“, Арсовски активно учествуваше во создавање на музичка естетика што ја надмина сцената и влезе во колективното сеќавање.

Бендот што без страв ги спои традиционалните македонски ритми со џез, прогресивен рок и фанк во време кога тоа звучеше како утопија, повторно се враќа кон своите корени, како што и самиот Бодан изјави во ексклузивното интервју за „Слободен печат“.

Заедно со своите колеги и другари од бендот и нивната свежа изведувачка енергија, токму деновиве тие ја споделија својата безвременска музика со публиката надвор од Македонија, на мини-турнеја низ Хрватска и Босна и Херцеговина, каде што повторно наидоа на топол прием и полни срца.

– И во Шибеник и во Сараево не сме биле 12 години. И тие навистина беа жедни за нас. Ми се допадна тоа што имав можност да видам како луѓето живеат таму, која е разликата помеѓу поранешното и сегашното мое видување на тие места. И морам да ви кажам дека видов многу среќни, насмеани луѓе. Тоа ме израдува. Чувствувам дека кај нас го нема тоа толку многу – вели Бодан.

Во ова интервју Бодан зборува за искуството кое му буди чувство на неверојатна сигурност и леснотија во секој отсвирен тон. За тоа како да останеш верен на себе во музичкиот свет полн со компромиси и како конекцијата со публиката во целиот регион им буди нова и инспиративна енергија.

– „Леб и сол“ е многу добар бенд. Мислам дека оваа постава е на патот да биде една од најдобрите постави на „Леб и сол“, иако се знае кои го формираа бендот. Меѓутоа, толку добро е расвирен и толку позитивна енергија има во бендот, што тоа публиката го чувствува, а тоа на нас ни дава сигурност дека кога ќе настапиме на сцена ќе ги освоиме. Јас на концертите нагласувам во кој период на кариерата на „Леб и сол“ припаѓаат песните кои ги свириме. Така почнувам од 1977, првиот албум, па вториот албум и за секоја песна имам некоја приказна да кажам, а тоа публиката сака да го слуша, и полека-полека се „навлекуваат“ на тоа како се развивал бендот. И на музиката, и на бендот, и на она што ние денес го свириме како новите „Леб и сол“. Со новиот материјал, тоа добива една комплетна слика за целата суштина на овој бенд. И на крајот, навистина, завршуваме доста еуфорично. Луѓето стануваат на нозе, аплаудираат. Чувствувам задоволство кога свириме, затоа што знаеме да им отсвириме токму тоа што сакаат да го чујат во тој момент – раскажува Бодан за нивните концерти.

За тоа како ги доживува публиката во Босна и Херцеговина, пишуваат и локалните медиуми, меѓу кои и „Кликс.ба“, кои за нашите „Леб и сол“ напишаа:
– Со комбинација од рок, џез и етничка македонска музика, оваа група ѝ подари на публиката незаборавна вечер со доза на носталгија. Инаку, рок-групата „Леб и сол“ е основана во Скопје во 1976 година. Оваа група беше една од најпопуларните групи во поранешна Југославија, а преку своите музички достигнувања комбинира елементи на рок, џез и етничка македонска музика. Како што бендот созреваше, влијанијата од џезот стануваа помалку очигледни. Сепак, на концертите, групата изведуваше џез композиции и долги верзии на традиционални етно-фолк класици како што се „Јовано Јованке“ или „Абер дојде Донке“, кои беа дочекани со голем ентузијазам и одушевување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот