Бобан Мирковски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бобан Мирковски: Сакам да свирам нестандардна класична програма, каков што сум и самиот

Во пресрет на својот солистички концерт на 2 декември во малата сала на Македонската филхармонија, пијанистот Бобан Мирковски во интервју за „Слободен печат“ ни откри дел од инспирацијата зад внимателно составената програма во која се спојуваат три сосема различни музички светови – Шопен, Сен-Санс и Гершвин.

Со Мирковски разговаравме за тоа зошто токму овие дела го привлекле неговото внимание и каков е текот на емоцијата и техничкиот израз што сака да ѝ го пренесе на публиката. Тој открива и како ја доживува динамиката на преминот од романтичната длабочина на Шопен, преку виртуозноста на Сен-Санс, до ритмичката енергија и духот на џезот кај Гершвин.

– Декември е многу убав период за правење на концерти и се одлучивме да се вратам на корените, на класичната музика. Повторно е тоа нестандардна класична програма, каков што сум и самиот, сакам да „шарам“ програмски. Токму заради тоа се одлучивме сега да го направиме овој концерт со тие композитори Шопен, Сен-Санс и Гершвин.

Шопен веројатно, од разбирливи причини, бидејќи тој е стандарден за нас пијанистите, ние сите го свириме, тој е таткото на пијаното. Гершвин, поради тоа што е нестандарден, тој е некаков почеток на џез-музиката во САД. Многу пати сум го свирел, ми лежи тој стил и сакам да го свирам. А од Сен-Санс одбрав едно специфично дело, коешто е исто така пишувано за пијано и оркестар, и е негова лична транскрипција за соло пијано, а се инспирирал од неговото патување во Алжир. Многу е интересно како Сен-Санс, како Французин, ја доживува африканската музика и како тоа го инспирирало да го напише ова дело, што познавајќи ја африканската музика и не е баш нешто многу слична – вели Бобан.

Но, не останавме само на концертната програма. Мирковски зборува и за едно друго негово музичко искуство – работата со непрофесионални пејачи, односно актерите кои секоја година се дел од популарното шоу „Глумците пеат“, проект во кој повторно ќе биде ангажиран и оваа сезона. Во интервјуто тој открива што значи да се работи со глумци кои се впуштаат во музички предизвик, како изгледа тој процес зад сцената и зошто ова соработка ја доживува како посебна уметничка радост.

– Таму влегов многу спонтано и случајно во целиот тој проект, којшто е навистина огромен. Пред две години, кога Маја и Ира Бабиќ одлучија да го вратат „Глумците пеат“, едноставно се собравме и размислувавме што можеме да направиме. Се обединивме со оркестарот, се споивме и почнавме ентузијастички да работиме, па така навлеговме подлабоко во целото тоа. Тоа беше во 2023 година, кога проектот повторно се врати. Првпат тогаш, а сега е веќе по трет пат. Јас веќе три години сум дел од сето тоа. Многу сум благодарен на целата екипа – тука се Никола Алексовски, Владимир Мандичевски, Деан Пројковски, режисерот, апсолутно сите луѓе со кои составивме тим што функционира и меѓусебно се разбира. Знаете колку е тешко да се работи со луѓе кои не се професионални музичари. Првиот пат ми беше шок, навистина. Не можевме да се разбереме, иако се сродни уметнички професии – глумата и музиката. Тешко се разбравме првата година, но потоа, со самите актери кои веќе две или три години се дел од „Глумците пеат“, најдовме заеднички јазик. Сега се разбираме многу лесно, тие се многу кооперативни, што е фантастично. Слушаат, сакаат да работат и се големи ентузијасти.

Иако проектот е напорен и тежок, особено самиот процес на подготовка, навистина е едно големо уживање затоа што сите сме премногу мотивирани и постојано насмеани. И покрај сите нервози што се јавуваат, стекнуваме огромно искуство и многу ми е драго што сум дел од таква екипа – изјави Мирковски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот